Мицкоски гледа политичка позадина во случајот со Михајлова, прашањето за овој случај ќе биде покренато пред НАТО и ЕУ

Зад случајот со Ива Михајлова се крие политичка позадина за да и се нанесе штета на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ и тоа е синхронизирано со опозицијата во земјава, смета премиерот Христијан Мицкоски.  Тој вечерва изјави дека она што го прават властите во Бугарија во врска со овој случај не е умен потег и нивната репутација е сериозно нарушена на меѓународната сцена. Најави дека случајот со Михајлова ќе биде покренат на состаноците на НАТО и пред меѓународните партнери.

Она што мене повеќе ме загрижува е состојбата што на ниво на хистерија ја направија одредени медиуми и политичари кај нашиот источен сосед. Не се проблемот односите меѓу двете држави, туку да му наштетат на ВМРО-ДПМНЕ и на мене затоа што на овој начин покажувајќи некаков тип на политички мускули во координирана акција и јавна дебата со македонската опозиција, и тоа е очигледно. И македонската опозиција ќе прави политички притисок врз актуелната Влада и на тој начин тие ценат дека политичката репутација на Владата и на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја намалат во очите на граѓаните, изјави Мицкоски за „Клик плус“ на телевизија 21.

Не гледа пропуст кај институциите и тврди дека Михајлова не ја поминала границата на легален премин, иако таа за бугарските медиуми изјави дека ја поминала границата со лична карта.

Според сигналите што ги добиваат од Бугарија, не очекува Ива и нејзиниот татко да бидат екстрадирани, отфрлајќи го аргументот дека бугарски државјанин не може да биде предаден на друга држава.

Ова ќе биде покренато и на состаноците на НАТО Алијансата, бидејќи наш партнер во НАТО е денеска прибежиште на осудени криминалци и ние очекуваме во најскоро време тие да бидат испорачани на правдата. Но исто така ова ќе биде покренато и кај нашите партнери во Европската Унија. Не би сакал осуден криминалец да биде причина за неспроведување на правдата, не би сакал да верувам дека моменталното политичко водство кај нашиот источен сосед ќе биде алиби за осудени криминалци од државата да барат бугарски пасоши и преку нелегални премини да бегаат и да барат свое прибежиште таму, рече Мицкоски.