Министерството за надворешни работи и надворешна трговија изрази незадоволство од изјавите на бугарскиот министер за внатрешни работи Иван Демерџиев и бугарскиот амбасадор во земјава Желјазко Радуков во врска со случајот со Ива Михајлова, оценувајќи ги како навредливи, провокативни и мешање во внатрешните работи на државата.
Во Министерството денеска бил повикан претставник на Амбасадата на Бугарија, кој во отсуство на амбасадорот Радуков ја извршува функцијата вршител на работи.
Како што соопшти МНРиНТ, на средбата било изразено незадоволство од неодамнешната изјава на Демерџиев во врска со случајот со Ива Михајлова, која била оценета како навредлива и провокативна.
Незадоволство било изразено и од изјавата на амбасадорот Радуков за бугарската телевизија БТВ, за која Министерството смета дека претставува директно мешање во внатрешните работи на државата, имајќи ги предвид квалификациите изнесени за работата на надлежните институции.
„Од наша страна беше особено нагласено дека ваквите провокации го оддалечуваат билатералниот дијалог од рамката во која треба да се развиваат добрососедските односи – врз основа на меѓусебно почитување, воздржаност и конструктивна комуникација“, се наведува во соопштението на Министерството.
Од МНРиНТ предупредуваат дека ваквото однесување може да наметне потреба од соодветна институционална реакција, во согласност со Виенската конвенција за дипломатски односи, која ги утврдува рамките на дипломатското дејствување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата домаќин.
Од Министерството нагласуваат дека остануваат посветени на развојот на добрососедските односи со Бугарија, засновани на меѓусебно почитување, доверба и европски принципи, но очекуваат истата посветеност и одговорност да ја покаже и бугарската страна.