Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, на маргините на Меѓународниот Астана форум во Казахстан оствари билатерални средби со неколку меѓународни претставници, при што во фокусот беа младите, евроинтеграциите, климатските политики и улогата на меѓународните принципи во решавање на глобалните предизвици.
Како што соопштија од претседателскиот кабинет, на средбата со поранешниот генерален секретар на Обединетите Нации и актуелен претседавач со Советот на Институтот за глобален зелен раст (GGGI), Бан Ки Мун, се разговарало за потребата од почитување на меѓународните правила и еднаквата улога на малите и средни држави во обликување на идниот светски поредок. Сиљановска-Давкова ги истакнала напорите на државата за интеграција на Целите за одржлив развој во националните стратегии, вклучително и подготовката на Рамката за соработка за одржлив развој (SDCF) 2026–2030 во соработка со ОН.
Во контекст на климатските промени, таа го нагласила Законот за климатска акција како алатка за забрзување на зелената транзиција и ја повторила потребата од континуиран пристап до климатско финансирање од ЕУ, независно од статусот на евроинтеграција.
„На средбата со Кристоф Хојсген, поранешен претседавач со Минхенската безбедносна конференција, претседателката потенцираше дека зачувувањето на мирот и стабилноста на Западниот Балкан е еден од главните надворешнополитички приоритети на земјата. Таа посочи дека европското проширување не е само политичко и економско, туку и безбедносно прашање, додавајќи дека членството во ЕУ ќе придонесе за поголема отпорност на општеството и институциите кон надворешни влијанија“, соопшти кабинетот.
Хојсген изразил подготвеност за поддршка во надминување на блокадата на македонските евроинтеграции, преку решенија кои се засноваат на темелните вредности на ЕУ.
На средбата со Фелипе Полие, помошник генерален секретар на ОН за младински прашања, Сиљановска-Давкова го истакнала значењето на стратегијата Youth2030 – првата сеопфатна младинска стратегија на ОН и најавила формирање на Совет за млади под нејзино покровителство, како чекор кон поголема инклузија на младите во донесувањето одлуки.