Тие ја сакаат општината за себе, за своите дневни потреби , а НЕ за партиите. Овие потреби не зависат од етничката припадност, туку од посветеноста, квалитетот на управувањето и од способноста на избраните функционери да одговорат на барањата на жителите.
Во Брвеница во недела ќе биде познато кој ќе ја води општината во следниот период. Во трката за градоначалничкото место во вториот круг влегуваат кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Стојанчо Радичевски и Аркин Јахиј.
Во првиот круг, Радичевски освои 2.943 гласови, а Јахиј 2.152 гласа. Првиот круг од изборите покажа нов распоред на силите. За разлика од лани, ДУИ ги дуплираше гласовите на своето конто, а ВМРО-ДПМНЕ освои помалку гласови за разлика од лани. Одѕивот беше поголем, односно на гласање излегоа 7.565 гласачи за разлика од лани кога правото на глас го остварија 7.288 гласачи. Дали ќе се повтори одѕивот од првиот круг, ќе биде познато во недела.
А, етничкиот призвук повторно доаѓа до израз како се ближи вториот круг на изборите. Вчера премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница тврдеше дека не повикува на етничко гласање за што беше обвинет од страна на пратеникот Скендер Реџепи. Тврдеше дека пораката што ја испраќал до граѓаните била да гласаат според сопственото убедување, без да дозволат да бидат делени по етничка основа.
Од оваа коалиција никој не излезе, ниту од ВМРО да рече гласајте етнички. Никој. Напротив, мојата порака беше: ќе сакаат да ве делат по етничка основа, немојте да дозволите, рече Мицкоски.
Слична порака испрати и претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој оцени дека на локалните избори во преден план треба да бидат програмите, квалитетот на кандидатите и решавањето на секојдневните проблеми на граѓаните. Наместо етничката припадност, според него, клучни треба да бидат прашањата за водоснабдувањето, канализацијата, инфраструктурата и квалитетот на локалните услуги.
Гаши, сепак, призна дека етничкиот елемент и натаму има значително влијание врз политичките партии и изборните процеси во земјава, оценувајќи дека е неопходно подигнување на политичката култура.
Посакувам да ги надминеме овие провинцијализми и етнички поделби, особено кога станува збор за локалните избори. Сепак, за жал, сè уште сме во фаза во која кај политичките партии и на изборите приоритет има, или често доминира, етничкиот елемент, односно прашањето за кого треба да се гласа, изјави Гаши.
И тука се наметнува клучното прашање – не е само кој повикува на етничко гласање, туку колку политичките партии се подготвени да понудат конкретни решенија за проблемите со кои се секојдневно се соочуваат граѓаните, или само им треба да прокнижат победа на своето конто.За аналитичарите клучно е каде движи гласачкото тело. Кај Албанците кој е лидерот ДУИ или ВРЕДИ, иако они веројатно во овој круг имаат можност да се кријат или зад коалицијата или зад бесата. КАј Македонците е битно да се задржи победата, ама партиските фронтмени не се договрија.
И додека партиите класично ја водат воденицата за партиска победа, граѓаните, тие имаат едноставни граѓански очекувања исто као што си го плаќаат одговорно данокот.
ТИЕ , сигурни сме ,очекуваат функционални општини, редовно водоснабдување, уредена инфраструктура, подобри јавни услуги и отчетност за ветеното и сработеното. Тие ја сакаат општината за себе, за своите дневни потреби , а НЕ за партиите.
Овие потреби не зависат од етничката припадност, туку од посветеноста, квалитетот на управувањето и од способноста на избраните функционери да одговорат на барањата на жителите.
А нели, квалитетот на локалната власт се мери преку условите за живот на сите жители, без разлика на нивната етничка, верска или партиска определба.