Мицкоски повика на поддршка за Радичевски: Една Брвеница за сите, без поделби

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на завршниот митинг во Брвеница пред вториот круг од локалните избори, што ќе се одржи в недела, повика на поддршка за кандидатот за градоначалник Стојанчо Радичевски, нагласувајќи дека општината треба да се развива без етнички, верски и политички поделби.

Мицкоски порача дека Брвеница заслужува развој, сигурност и иднина во која младите ќе остануваат, а сите граѓани ќе имаат еднакви можности.

Тој ја критикуваше ДУИ, обвинувајќи ја за поделби и недостиг од проекти во периодот кога била на власт, и порача дека патриотизмот се докажува со дела, чесна работа и одговорност, а не со националистички пароли.

„Сиромаштијата нема националност. Корупцијата не прашува на кој јазик зборувате. А кога политичарите работат за себе наместо за народот, штетата тогаш ја плаќаат сите“, рече Мицкоски.

Тој посебно се осврна на младите и потребата да се создадат услови за останување и градење иднина во земјава, повикувајќи ги жителите на Брвеница да гласаат за Радичевски.

Кандидатот за градоначалник, Стојанчо Радичевски, истакна дека приоритети во работата ќе бидат подобрувањето на водоснабдувањето, локалните патишта, училиштата и можностите за младите.

Тој порача дека Брвеница им припаѓа на сите граѓани, без разлика на етничката, верската или политичката припадност, и повика на поддршка за бројот 1 на гласачкото ливче на 1 ноември.