Жителите на општина Брвеница денеска избираат градоначалник. Во вториот круг од предвремените локални избори, тие ќе треба да се определат за еден од двајцата кандидати – Стојанче Радически од ВМРО-ДПМНЕ или Аркин Јахи од ДУИ која настапува преку коалицијата Национална алијанса за интеграција (НАИ).
Во првиот круг, одржан на 18 октомври, Радичевски освои 2.953 гласа, а Јахи доби поддршка од 2.152 избирачи. Третопласиран беше Јакуп Хусеини од ВЛЕН со 1.528 гласа, а кандидатот на СДСМ, Јовица Радески, освои 706 гласа. Во трката учествуваа и двајца независни кандидати.
Во првиот круг од предвремените локални избори имаше голем одѕив, а како ќе биде во вториот круг, ќе биде познато денес.
Гласачките места се отвараат во 07 часот, а се затвораат во 19 часот. Вториот круг од изборите ќе го набљудуваат 61 набљудувач, од кои 56 се домашни и пет меѓународни.
Од канцеларијата на Народниот правобранител соопштија дека од 7 до 19 часот ќе биде отворена подрачната канцеларија во Тетово за граѓаните да можат да пријават било каква повреда на избирачкото право.
Покрај лично во канцеларија, граѓаните ќе може да пријават повреда на нивното избирачко право и на телефонскиот број 044 344-082, Народниот правобранител, правата на граѓаните ќе ги штити со преземање на итни мерки за ефективно постапување од странa на надлежните органи во изборниот процес и другите институции кои се должни да им обезбедат заштита на нивните загарантирани права, информираа од Канцеларијата на Омбудсманот.
Вчера, гласаа болните и немоќни и затворениците. Според податоците на Државната изборна комисија, од 9 пријавени гласачи во казнено-поправните установи, осум го искористиле правото на глас, а од 107 болни и немоќни лица, гласале 104 лица.
Предвремените избори во Брвеница се распишани по смртта на поранешниот градоначалник Јовица Илиевски, кој на претходните локални избори беше избран како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ.