Димитриевски: Додека ЗНАМ е во Владата, правосудниот испит ќе се полага на македонски јазик

Правосудниот испит ќе се полага на македонски јазик и согласно Уставот и законите сè додека Движењето ЗНАМ е дел од Владата, порача партискиот претседател Максим Димитриевски на денешниот отчет пред граѓаните во Кочани, од каде што упати пораки дека нема да прифати компромиси за прашањата поврзани со македонскиот јазик и државниот суверенитет.

„Може да има различни барања, притисоци и шпекулации, но нашиот став е јасен. Тоа се нашите црвени линии и од нив нема да отстапиме. Законите и Уставот мора да се почитуваат, а македонскиот јазик е темел на нашиот државен идентитет“, изјави Димитриевски.

Тој се осврна и на случајот со Ива Михајлова, повикувајќи ги бугарските власти да постапат по потерницата издадена од македонското Министерство за внатрешни работи и да ја екстрадираат во земјава за да одговара пред надлежните институции.

Димитриевски оцени дека политичките теми и провокациите не треба да се користат за вршење притисок врз Македонија и порача дека очекува почитување на правните процедури и соработка меѓу надлежните институции.

На панел-дискусијата во Кочани, во рамки на отчетот под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, се обратија и министерот за земјоделство и потпретседател на ЗНАМ Борче Серафимовски, пратеникот Павле Арсоски и директорот на Геолошкиот завод Ивица Андов. Тие говореа за поддршката на земјоделството, законодавните и реформските процеси, како и за потенцијалите на природните ресурси.