Системот „Безбеден град“ да се користи не само за откривање сообраќајни прекршоци, туку и за идентификување возила кои потенцијално го загадуваат воздухот, предлага партијата Демократска обнова на Македонија (ДОМ).
Од партијата бараат преку препознавање на регистарските таблички да се издвојуваат ризичните возила, кои потоа би биле упатувани на вонреден еколошки преглед.
Предлогот доаѓа како реакција на нацрт-планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје за периодот од 2027 до 2031 година, за кој од ДОМ сметаат дека не предвидува доволно конкретни мерки за контрола на старите дизел-возила.
Според партијата, посебен проблем претставуваат автомобилите со отстранети или нефункционални DPF-филтри, кои се наменети за задржување на штетните честички од издувните гасови.
ДОМ: Старите дизел-возила се изоставени од планот за почист воздух
Од ДОМ предупредуваат дека, иако во новиот план се предвидуваат електрични автобуси, велосипедски патеки и други мерки за намалување на загадувањето, недостасуваат конкретни механизми за контрола на постојниот возен парк.
„Додека се планираат електрични автобуси и велосипедски патеки, во документот недостасуваат конкретни механизми за ставање ред во постојниот возен парк. Отсуството на мерки за откривање возила без исправни DPF-филтри е директен удар врз здравјето на граѓаните, бидејќи токму тие испуштаат најопасни ситни честички“, велат од партијата.