Нови правила за патување во ЕУ од 2027 година: Македонските граѓани ќе мора да платат 20 евра за електронско одобрение

Македонските граѓани кои планираат да патуваат во земјите од Шенген-зоната и во Кипар ќе треба да добијат електронско одобрение пред патувањето, откако ќе започне примената на новиот европски систем ETIAS, чие воведување се планира во текот на 2027 година.

Новата процедура ќе се однесува на државјаните на земјите кои имаат безвизен режим со Европската Унија, меѓу кои е и Македонија.

За добивање на одобрението ќе се плаќа надоместок од 20 евра, а одредени категории граѓани ќе бидат ослободени од плаќањето.

Важно е да се нагласи дека ETIAS не претставува виза и не го укинува постојниот безвизен режим. Македонските граѓани и понатаму ќе можат да патуваат во европските земји без виза за краткорочен престој, но ќе мора претходно да поминат низ дополнителна електронска процедура.

Кои граѓани ќе плаќаат 20 евра, а кои ќе бидат ослободени?

Според правилата на Европската Унија, надоместокот за поднесување барање за ETIAS ќе изнесува 20 евра.

Од плаќањето ќе бидат ослободени лицата помлади од 18 години и постарите од 70 години, како и одредени категории членови на семејства на државјани на Европската Унија.