Кој ќе ги плати уништените ниви во Крива Паланка?

Додека снимките од кравите што слободно се движат низ Крива Паланка ги обиколуваат светските медиуми, за жителите останува отворено едно прашање: кој ќе ја надомести штетата на нивите, овоштарниците и дворовите? Општината најави регистар на пријавени штети и подготовка за заедничка тужба, додека повеќе од 1.000 грла добиток, според локалните власти, и натаму неконтролирано се движат низ општината.

Американската новинска агенција Асошиејтед прес објави репортажа за долгогодишниот проблем, а видеоприлог објави и „Еуроњуз“. Во нивното известување во фокусот се најдоа земјоделците кои се жалат на уништени посеви и имот, како и прашањето зошто решенијата за одземање на добитокот не се спроведени во целост.

ВИДЕО ОБЈАВЕНО НА СВЕТСКИ МЕДИУМИ

Регистар на штети и подготовка за заедничка тужба

Од Општина Крива Паланка на 3 ноември соопштија дека воведуваат единствен регистар во кој граѓаните ќе можат да ги пријават штетите. Целта е случаите да се евидентираат и документираат, а потоа да се подготви заедничка тужба за надомест, доколку се исполнети законските услови.

Според општинското соопштение, оштетените треба да пополнат формулар, да ги приложат доказите со кои располагаат и да ангажираат независно вешто лице за процена на штетата. Општината најави дека ќе ги покрие трошоците за судските постапки организирани во рамки на оваа иницијатива.

За жителите што со месеци или години вложуваат во земјоделско производство, прашањето не е само каде ќе се смести добитокот, туку и како ќе се утврди и надомести веќе направената штета.