Сватот на Али Ахмети негира какво било влијание врз влезот на српската Алта банка во Македонија и најавува тужби за клевета, откако владеачката Вреди обвини дека токму тој бил врската за влез на српската банка во Македонија, објави Телма. Фирмата „АС Сењак“ од Кичево, во сопственост на Селаудин Арифи, сват на лидерот на ДУИ Али Ахмети, за телевизијата реагира дека немаат подигнато кредит од Алта банка Србија.
„Категорично ги отфрламе наводите дека сме имале какво било влијание врз процесите поврзани со влезот на Алта банка на македонскиот пазар, ниту пак сме биле во позиција да влијаеме врз одлуките на надлежните институции. Во судска постапка ќе се утврдат фактите и ќе се докаже дека станува збор за неосновани обвинувања, клевети и намерни манипулации со јавноста“, одговориле од АС Сењак за Телма.
Владеачката Вреди претходно обвини дека врската за влез на српската Алта банка во Македонија била токму сватот на Али Ахмети, Селаудин Арифи. Вреди обвини дека неговата фирма „АС Сењак“ во октомври 2024 купила значан пакет акции во Стопанска банка Битола, а во јуни 2025 фирма поврзана со Арифи зела кредит од 5 милиони евра од централата на Алта банка во Белград.
„И само три месеци подоцна, на 17 септември 2025 година, се случува финалниот чин: компанијата „АС Сењак“ на сватот на Ахмети официјално му ги продава своите акции во битолската банка токму на Давор Мацура и неговата „Алта банка“, со што му овозможува директно преземање на банката во Македонија“, рече Астрит Исени од Вреди.