Венко Филипче покажува непознавање на основните економски показатели кога ја оценува состојбата во македонската економија, бидејќи треба да се разгледуваат сите економски параметри, а не само поединечни податоци, реагираше ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на претседателот на СДСМ.
Од партијата велат дека Македонија има највисока стапка на раст на бруто-домашниот производ во регионот и најниска инфлација, повикувајќи се на податоци од Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка.
„Филипче како предводник на талогот од СДС покажува дека не знае ништо друго освен да излезе во јавност и да ги лаже граѓаните и да шири паника и хистерија. Овој пат тоа го прави со економските показатели“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата оценуваат дека претседателот на СДСМ ги разгледува економските податоци селективно и не ги зема предвид сите показатели што ја отсликуваат економската состојба во државата.
„Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ води пробизнис и проекономска политика, а за тоа доказ се податоците на Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка“, се наведува во реакцијата.
Според ВМРО-ДПМНЕ, економскиот раст во вториот квартал годинава достигнал 4,3 проценти, додека инфлацијата во Македонија е за 25 проценти пониска од европскиот просек.
Од партијата додаваат дека актуелната Влада и по две години се справува со обврските наследени од претходната влада предводена од СДСМ.
Како пример ги посочуваат обврските за рефинансирање или враќање на заемите, кои, според нивните податоци, во 2027 година ќе изнесуваат 2,3 милијарди евра, а во 2028 година дополнителни 2,7 милијарди евра.
„Бројките јасно зборуваат дека ова е значителен финансиски товар кој е наследен“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека и покрај меѓународните кризи и наследените проблеми, Владата продолжува да ги исполнува обврските и реформите, како и да работи на одржување и подобрување на економските показатели.
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ му порача на Филипче дека треба да ги разгледува сите економски параметри пред да изнесува оценки за состојбата во економијата.