ВЛЕН обвини дека српскиот бизнисмен Давор Мацура, кој според партијата е во притвор во Србија, ги купил акциите во поранешната Стопанска банка Битола, подоцна преименувана во Алта банка Македонија, директно од компанијата „АС Сењак“ на Селаудин Арифи, сватот на Али Ахмети.
Од ВЛЕН велат дека станува збор за втор дел од, како што ја нарекуваат, милионската банкарска шема, откако претходно објавиле дека компанија поврзана со сватот на Ахмети на 9 јуни 2025 година добила кредит од пет милиони евра директно од централата на Алта банка во Белград.
Според хронологијата што ја презентира партијата, во октомври 2024 година кичевската компанија „АС Сењак“ на Селаудин Арифи купила значаен пакет акции во Стопанска банка Битола.
Во јуни 2025 година, фирма поврзана со оваа компанија добила кредит од пет милиони евра од Алта банка во Белград, а на 17 септември истата година „АС Сењак“ официјално ги продала своите акции во битолската банка на Давор Мацура и неговата Алта банка.
Од ВЛЕН оценуваат дека со ова се затвора финансиски круг меѓу компаниите поврзани со семејството на Али Ахмети и српскиот бизнисмен.
„Во јуни, семејната бизнис-мрежа на Ахмети зема пет милиони евра кредит од Мацура од Белград. Во септември, сватот на Ахмети преку „АС Сењак“ му ги продава акциите на истиот тој Мацура за да влезе во „Алта банка Македонија“ и инкасира милиони!“, наведуваат од партијата.
ВЛЕН поставува прашања дали со кредитот од пет милиони евра Давор Мацура, преку компаниите на семејството на Али Ахмети, всушност сам си го финансирал влезот на македонскиот пазар.
Партијата бара одговор и дали продажбата на акциите на 17 септември 2025 година била однапред договорена компензација за затворање на кредитот од јуни, како и колкава заработка, разлика во цена и провизија останала на сметките на семејниот бизнис-круг на Ахмети и неговите внуци.
Од ВЛЕН оценуваат дека најновите информации отвораат прашања и за улогата на поранешните функционери на ДУИ Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби во процесот на влез на Алта банка во македонскиот финансиски сектор.
„Додека тие политички го расчистуваа теренот во државните институции, сватот на Али Ахмети му ги чуваше и препродаваше акциите на Давор Мацура“, наведуваат од ВЛЕН.
Партијата бара Јавното обвинителство и Управата за финансиско разузнавање итно да отворат истрага и да ги вкрстат кредитот од пет милиони евра од 9 јуни 2025 година и продажбата на акциите од 17 септември истата година.
Од ВЛЕН порачуваат дека македонскиот банкарски систем не смее да биде, како што велат, плен на регионални тајкуни и на семејни бизнис-мрежи и бараат целосна финансиска и кривична одговорност за трансакциите.