Дебата во Собранието – „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“

Извештаите на Европската комисија за владеењето на правото и улогата на Собранието во следењето на напредокот во оваа област ќе бидат во фокусот на тематската дебата што денеска ќе се одржи во Собранието, во организација на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции.

Дебатата на тема „Извештаите на Европската комисија за владеење на правото во Република Северна Македонија – наоди и парламентарен надзор“ е закажана за 14 часот, во Големата купола, а ќе се одвива и онлајн.

На почетокот се предвидени воведни обраќања на претседателот на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Венко Филипче, амбасадорот на Шведска, Ола Солстром, амбасадорот на Швајцарија, Кристоф Сомер, директорката на УНОПС, Михела Телатин и извршната директорка на Центарот за управување со промени, Неда Малеска Сачмароска.

Во рамки на дебатата, проектниот тим на ПАВЕ ќе ги презентира главните наоди што се повторуваат во извештаите за владеењето на правото, како и матрицата за парламентарен надзор врз напредокот во оваа област.

Предвидено е и онлајн обраќање на европратеникот Томас Вајц, по што ќе следуваат дискусија и завршни обраќања.

Настанот има цел да ги стави во фокус наодите од извештаите на Европската комисија и можностите за поактивен парламентарен надзор врз спроведувањето на реформите во владеењето на правото.