Помалку од половина деца одат во градинка

Помалку од половина од децата на возраст до шест години во Македонија се опфатени со предучилишно образование, а за да се достигне националната цел од 65 отсто до 2032 година, потребни се дополнителни 19.000 места во градинките, предупредува УНИЦЕФ.

Недостигот од места и потребата од поголеми вложувања во раниот детски развој беа во фокусот на настанот „Ѕвониме за децата“, што УНИЦЕФ и Македонската берза го организираа на Светскиот ден на детето, 20 ноември.

На настанот учествуваа претставници на институциите, граѓанскиот сектор, компаниите и финансиската заедница, од каде што беше упатен повик за поголема достапност на квалитетно и инклузивно предучилишно образование.

Според анализа поддржана од УНИЦЕФ, објавена во јуни годинава, повеќе од 79.000 деца на возраст до шест години не биле запишани во градинка. Анализата покажала и дека побарувачката веќе ја надминува понудата – во 2025 година на листите на чекање имало речиси 5.000 деца.

Од УНИЦЕФ посочуваат дека децата од семејствата и заедниците во неповолна положба се меѓу оние што најчесто остануваат надвор од системот. Затоа, покрај отворањето нови места, важни се и финансиската достапност и вклученоста на сите деца.

За родителите што бараат место, пристапот до градинка е поврзан и со можноста да ги усогласат работните и семејните обврски. За децата, пак, предучилишното образование нуди средина за игра, учење и дружење со врсниците.

Во анализата поддржана од УНИЦЕФ се разгледуваат повеќе начини за проширување на капацитетите, меѓу кои јавни инвестиции, поддршка за приватните градинки и вклучување на работодавачите.