Пораките од владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН укажуваат дека следната пролет нема да има предвремени парламентарни избори и дека земјава ќе оди на редовно гласање во 2028 година, оцени поранешниот пратеник и политички аналитичар Илија Димовски во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Според него, во изминатите шест месеци се водела дебата за можноста од предвремени избори, но актуелните сигнали од владејачкото мнозинство покажуваат дека такво гласање не се планира пред истекот на мандатот.
„Треба да констатираме дека очигледни се пораките и од ВЛЕН и од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да има предвремени избори следната пролет и дека државата првпат по подолго време ќе оди на редовни избори во 2028 година“, истакна Димовски.
Тој смета дека ваквата ситуација отвора простор опозицијата да се реорганизира и да понуди посериозна политичка алтернатива. Сепак, според него, останува да се види дали СДСМ ќе успее да го искористи периодот до следните парламентарни избори.
„На државата ѝ е потребна силна опозиција“
Димовски оцени дека отсуството на силен опозициски притисок може да ѝ одговара на власта, но не е добро за демократскиот развој на државата.
Тој се повика и на искуството од периодот кога бил пратеник, посочувајќи дека посилната политичка конкуренција носела поголема динамика и одговорност во работата на институциите.