Во Полска откриен првиот споменик за децата од Егејска Македонија

 

Во полскиот град Полице е откриен првиот споменик во Полска посветен на децата бегалци од Егејска Македонија кои животот го поминале во оваа земја и починале далеку од родниот крај.

 

Споменикот го чува споменот на децата што по Граѓанската војна во Грција биле згрижени во Полска, каде што пораснале и го продолжиле својот живот. За многумина од нив, заминувањето од домот во детските години станало разделба од родните места што траела цел живот.

 

Обележјето во Полице е едно од трите споменици што се предвидени да бидат поставени во полските градови кои ги згрижиле децата бегалци од Егејска Македонија.

 

Споменикот заеднички го открија градоначалникот на Полице, Кристијан Ковалевски, и амбасадорот на Македонија во Полска, Јасмин Ќахил. Автор на делото е Петро Алексовски.

 

Поставувањето на споменикот е потсетник на судбините на децата разделени од своите домови и семејства, но и на врската што со децении се градела меѓу нив и полските средини во кои биле прифатени.

 

За потомците и семејствата на децата бегалци, ваквите обележја претставуваат место каде што може да се зачува сеќавањето на нивните животни приказни и на родниот крај што никогаш не го заборавиле.

 

…