Во документот се потсетува на потребата од одржување на моментумот и кредибилитетот на процесот на европска интеграција и се забележува дека земјава продолжува да покажува посветеност на евроинтеграцијата и усогласеност со политиките на ЕУ.
„Европскиот парламент повикува на брз напредок во преговорите за пристапување, истовремено истакнувајќи ја важноста на усвојувањето на неспроведените уставни амандмани; ги охрабрува сите политички партии во Македонија да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне потребниот консензус за овие амандмани, што би го зајакнало мултиетничкиот карактер на земјата и би го забрзало нејзиниот напредок кон членство во ЕУ“, се потенцира во предлог-извештајот на Вајц, кој е известувач на ЕП за земјава.
Во документот, меѓу останатото, се наведува дека демократските институции во земјата функционираат „задоволително“, но оти политичката поларизација останува пречка за неопходните реформи и се повикува на интензивирање на напорите за зајакнување на владеењето на правото и независноста на судството, борбата против корупцијата, реформирањето на јавната администрација и подобрувањето на транспарентноста околу сопственоста на медиумите.
Поднесени 313 амандмани на извештајот: Повеќето поддржувачки, бугарските – поткопувачки
На основниот предложен текст на извештајот, кој беше објавен на 18 март, беа поднесени вкупно 313 амандмани, од кои повеќето дообјаснуваат или дополнуваат некои делови од документот, но има и такви со кои се вметнуваат нови содржини или оценки.
Посебно внимание предизвикаа амандманите се кои се нагласуваат македонскиот јазик и идентитет. Така, самиот Вајц и претседавачот на АФЕТ, германскиот европратеник Дејвид Мекалистер предлагаат амандмани за вметнување нова точка Д-а со идентична содржина: „Со оглед на тоа што ЕУ постојано го покажува своето признавање на македонскиот јазик и идентитет“.
Холандскиот европратеник Тајс Ројтен пак предлага додавање на алинеја 19а во извештајот, која би гласела „Имајќи го предвид постојаното признавање на македонскиот јазик и идентитет од страна на ЕУ“. Ројтен предлага уште еден амандман и тоа на членот 2 за негово дополнување со текстот „со целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“, додека, пак, Вајц предлага надополнување на истиот член со зборовите „и целосно почитување на македонскиот јазик и идентитет“.
Амандман на членот 2 заеднички предлагаат и европратеници Ден Барна, Урмас Пает и Петрас Ауштревичиус со кој се бара вметнување на текстот „и притоа целосно признавајќи ги македонскиот идентитет и јазик“.
Хрватските европратеници Карло Реслер и Давор Иво Стиер предлагаат нов член 2б кој би гласел „Ја потврдува важноста на недвосмисленото признавање и почитување на македонскиот јазик и идентитет како составен дел од наследството на земјата, уставниот поредок, но и од европските вредности; забележува дека европските институции, во своите извештаи за земјата и официјални документи, постојано се повикуваат на македонскиот јазик во согласност со меѓународното признавање и спроведувањето на Преспанскиот договор; потврдува дека почитувањето на јазичниот, културниот и националниот идентитет е фундаментална компонента на процесот на пристапување во ЕУ и камен-темелник на демократските општества, што дополнително ќе се потврди со пристапувањето во семејството на европските нации“.
Во пресрет на седницата на АФЕТ, претседателката Гордана Сиљановска Давкова изјави дека очекува поддршка на предлозите кои „ги гарантираат македонскиот идентитет и македонскиот јазик“, бидејќи во спротивно тоа „ќе зборува многу лошо за демократскиот капацитет на Европскиот парламент“.
„Искрено, не очекував во 21 век во Европскиот парламент да прочитам или да чујам некои амандмани, замислете во 21 век да оспорувате нечиј идентитет. Тоа е непознат феномен, особено што седите во институција која е дел од ЕУ, во чии основни се конститутивни документи како Договорот за ЕУ, Лисабонскиот договор, Повелбата за фундаменталните права, со кои се гарантира почитувањето на националниот и културниот идентитет, на човековиот дигнитет и интегритет. Тоа е нешто шокантно“, нагласи Сиљановска Давкова.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, оцени дека е значајно што во извештајот првпат се споменува посебен македонски идентитет, со што, според него, Европа има шанса да ја исправи историска неправда и да наведе дека ние имаме македонски идентитет и посебен македонски јазик.
Тој нагласи дека предлозите на некои бугарски европратеници, во извештајот пред македонскиот идентитет да стои зборчето „сегашен“, претставува обид да се наметне тезата дека македонска нација е вештачки создадена на корените на бугарската нација.
„Јас тоа нема да го прифатам и ќе го отфрлам и никогаш нема да го прифатам, зашто тоа нема никаква врска ниту со европските, ниту со какви било вредности“, рече Мицкоски.
Премиерот истакна дека во врска со предлог-извештајот на Вајц биле остварени голем број телефонски разговори.
„Во текот на вчерашниот ден имав голем број на телефонски разговори, министерот за надворешни работи исто така, други луѓе од Владата исто така разговараа во текот на денот, така што да почекаме да дојде утрешниот ден“, рече вчера Мицкоски.
Известувачот Вајц: ЕУ и нејзините земји да дадат гаранции дека уставните измени нема да доведат до дополнителни билатерални барања
На вчерашната дебата во АФЕТ посветена на пристапниот процес со еврокомесарката за проширување Марта Кос, бугарскиот европратеник Станислав Стојанов ја праша дали има објаснување или информација „од каде би можеле да дојадат шест идентични амандмани со кои во извештајот се вметнуваат македонскиот јазик и идентитет“.
Тој се обиде да го оспори извештајот на Вајц, тврдејќи дека тој имал „ненајавени средби“ со македонските власти и ги нарушил правилата за транспарентност на Европскиот парламент, со што, според него, предложениот текст е компромитиран и необјективен.
Стојанов и неговиот сонародник, Ивајло Валчев обвинија за „протекување на информации во реално време“ во текот на подготовката на извештајот и најавија дека побарале од раководството на парламентот да биде запрено неговото усвојување.
Покрај амандманите за македонскиот јазик и идентитет, кипарскиот европратеник Јоргос Георгиу предлага и вметнување нов член 35а во предлог-извештајот кој би гласел: „Ги охрабрува Бугарија и Македонија да најдат заемно прифатливо решение за нерешените билатерални прашања“.
Во тој контекст, на вчерашната дебата во АФЕТ, Кос изјави дека земјава и Бугарија треба да почнат да разговараат интензивно и да најдат решение за билатералното прашање и дека таа е подготвена да биде олеснувач ако е потребно.
На ова реагираше бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој изјави дека нема билатерално прашање меѓу Скопје и Софија, туку само „заклучоци на Советот што мора да се исполнат за да може земјата да ги почне преговорите“.
Кос одговори дека тоа е европско прашање, но исто така е и прашање на една земја-членка и една држава-кандидатка и тие мора да разговараат.
„Се согласувам дека сите ние мора да се грижиме за помирувањето и добрососедските односи, не само Македонија, не само Бугарија, туку сите ние. Но, тоа не е можно без да разговараме едни со други“, додаде Кос.
Предлог-извештајот е придружен со објаснувачка изјава на Вајц, во која тој наведува дека годините на неуспеси и неисполнети ветувања разбирливо доведоа до фрустрација, разочарување и континуиран пад на јавната поддршка за интеграцијата на земјата во ЕУ, меѓутоа во овие времиња на големи промени во меѓународниот светски поредок, постои обновено чувство на итност и важна можност за унапредување на процесот на проширување на Унијата.
„Сите политички чинители, особено пратениците од владејачката коалиција и Владата, мора да го искористат овој момент и да се вклучат во конструктивен дијалог за да се постигне консензус за уставните амандмани. ЕУ и нејзините земји-членки мора целосно да го поддржат овој потфат, вклучително и со давање гаранции дека уставните измени нема да доведат до дополнителни билатерални барања“, истакнува Вајц.
Австрискиот европратеник во изјавата додава и дека за да се надмине бугарското вето за почеток на пристапните преговори на земјава, во 2022 година ЕУ „ги вклучи барањата на Бугарија во заклучоците на Советот поврзани со пристапувањето на Македонија, при што ЕУ дејствуваше како гарант за нивното спроведување“.
„Т.н. ‘француски предлог’, сепак, постави загрижувачки преседан, дозволувајќи пристапниот процес да се користи за решавање на културните и историските спорови“, потенцира Вајц меѓу другото во изјавата.
Инаку, за усвојување на предлог-извештајот, според првичниот план, АФЕТ требаше да гласа уште на своето мајско заседание, но изјаснувањето беше одложено поради, како што изјавија за МИА од кабинетот на Вајц, „совпаѓање на распоредите со другите политички партии“.