Заемот од 45 милијарди евра за Украина ги закочи преговорите за буџетот на ЕУ

Лидерите на ЕУ се подготвуваа за судир околу долгорочната финансиска помош за Украина, во обид до крајот на годината да ги финализираат буџетските преговори од кои многу зависи. Пристигнувајќи во Брисел во четвртокот, германскиот канцелар Фридрих Мерц го повтори својот став дека сите земји-членки на ЕУ треба да го поддржат заемот од 45 милијарди евра за Украина за 2027 година. „Кога Европската унија обезбедува средства, таа го прави тоа како Европска унија – а таа унија се состои од 27 земји-членки, а не од 23 или 24“, рече тој.

Мерц претходно се закани дека ќе стави вето на следниот седумгодишен буџет на Унијата, доколку сите земји не се согласат со заемот за Украина. Тоа би било болен исход за земјите-членки кои се нето-корисници на средства од ЕУ.

Словачка, Унгарија и Чешка земји кои се нето-корисници сакаат да се исклучат од овој заем. Словачкиот премиер Роберт Фицо, кој одржува блиски врски со Кремљ, го обвини Мерц за уцена.
Од друга страна, Германија се обидува да го заштити идното финансирање на Украина од страна на ЕУ, во случај на победа на Марин Ле Пен на претседателските избори во Франција следната година. Лидерката на крајно десничарската партија „Национален собир“, која води во анкетите, вети дека ќе ја запре француската финансиска помош за Украина. Берлин сака да обезбеди идните одлуки за финансирање на Киев преку буџетот на ЕУ да се носат со мнозинство гласови од земјите-членки, наместо со едногласност. Сегашниот систем бара консензус, што ѝ овозможува на која било земја да стави вето на одлуката.

Во знак што влева поголема надеж за Киев, Бугарија која претходно се противеше на заемот во четвртокот изјави дека е подготвена да придонесе, под услов нејзиниот удел да не биде поврзан со оружје.

„Бугарија ќе учествува во заемот од 20 милијарди наменет за невоена поддршка на Украина“, изјави бугарскиот премиер Румен Радев при пристигнувањето на самитот. „Имаме огромна историска дијаспора на Бугари кои живеат во Украина. Наша желба е да ја насочиме нашата поддршка кон таа област. Ќе придонесеме, но ниту еден денар од Бугарија нема да биде наменет за оружје.“ Минатата недела, Европската комисија предложи заем од ЕУ за Украина во износ од 45 милијарди евра, со цел да се пополни финансиската дупка предизвикана од непрестајните напади на Русија. Претставници на ЕУ предложија 25 милијарди евра да бидат наменети за воени трошоци, а 20 милијарди евра за цивилните потреби на Украина, како што се училиштата и болниците.

Пристигнувајќи на самитот, чешкиот популистички премиер Андреј Бабиш не беше расположен за компромис. „Кохезијата е навистина цел на Европската унија и на Чешката Република. Ќе се бориме за овие средства“, изјави тој, мислејќи на кохезионите фондови на ЕУ, кои се наменети да им помогнат на посиромашните региони да го намалат јазот во однос на побогатите.

Бабиш изјави дека на неговата земја ѝ се потребни автопат кон Австрија и повеќе болници. „За финансирањето на Украина треба да се преговара одделно. А најважни се животите на нашите граѓани“, рече тој, додавајќи дека ЕУ треба да направи сè за да го поддржи мирот во Украина.

Сепак, ставот на Мерц наиде на широка поддршка, особено меѓу западноевропските, нордиските и балтичките држави. Шведскиот премиер Улф Кристерсон изјави: „Не е прифатливо едноставно да се ’киднапира‘ поддршката за Украина, со ставот дека ќе ја прифатиме помошта од Европската унија за Украина, но самите нема да платиме за тоа. Тоа не е разумен начин на размислување“.

Сепак, некои влади што ја поддржуваат целта на Мерц имаат резерви во однос на неговата тактика, стравувајќи дека јавната закана за блокирање на кохезионите фондови би можела да им отежне на владите што се противат да го променат својот став.

Дискусијата за поддршката на Украина се испреплете со преговорите за следниот долгорочен буџет на ЕУ, со кој ќе се утврдат приоритетите за трошење на Унијата за периодот 2028–2034 година.
Лидерите на ЕУ разговараат за предлог вреден 1,78 трилиони евра, претставен минатата сабота од претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста. Овој износ претставува намалување од 10 % во однос на првичниот план на Европската комисија, кој изнесуваше 2 трилиони евра. Претставниците на ЕУ сакаат да постигнат конечен договор за буџетот до крајот на годината, пред низата важни избори во 2027 година да го отежнат постигнувањето согласност, при што најголема загриженост предизвикуваат претседателските избори во Франција, закажани за пролетта. Покрај тоа што најави прекин на финансирањето за Украина, Мари ле Пен вети и драстично намалување на придонесите на Франција во буџетот на ЕУ.

Францускиот претседател Емануел Макрон, кој се бори за зачувување на земјоделските субвенции од ЕУ за француските земјоделци, како и за поголем буџет, навести дека би можел да се повлече од преговорите доколку не се постигне договор до крајот на годината. „Договорот не е цел сам по себе, ниту пак е цел доколку се заснова на небалансирани основи“, изјави извор од Елисејската палата пред самитот. Доколку условите не се соодветни, претседателот смета дека нема да биде можно да се продолжи оваа дискусија по декември, додаде изворот.

Ирскиот премиер, Мајкл Мартин, истакна дека е важно да се постигне буџетски договор пред крајот на годината, бидејќи изгледите за тоа во првата половина од 2027 година се многу мали.