Претставата „12“ во режија на Синиша Евтимов ја доби наградата за уметничко остварување на претставата во целина на 59. МТФ „Војдан Чернодрински“.
Жирито во состав Лилија Абаџиева, претседател и членовите Иван Меденица и Нела Оташевиќ, ја додели наградата со мнозинство гласови, а на истата претстава ја додели и специјалната награда за колективна актерска игра за ансамблот на МНТ.
На прес-конференцијата што се одржа денес во Центарот за култура во Прилеп, уметничкиот директор Ана Стојаноска се заблагодари на жири-комисијата и на сите што го поддржаа фестивалот.
„59. издание на МТФ беше исклучително интересно, возбудливо со многу предизвици. Се заблагодарувам на жири комисијата. Наградата за најдобра претстава од публиката ја доби претставата „Слепци“ и прв пат имавме оценка 5.00 од публиката“, истакна Стојаноска.
Чест ми е што бев воопшто од оваа комисија, ова е многу важно – мојата работа во театарот многу пати со македонската култура, сум правела претстави овде, во едни од најзначајните театри, колку што ги ценам наградите по светот, толку и наградата за режија што сум ја добила во Македонија, рече Абаџиева.
-Ова не го кажувам за да ве запознаам со себе, ама да кажам дека уметноста гради мостови кои политичарите не можат да ги изградат. Овие културни мостови кажуваат дека уметниците немаме предрасуди – рече Абаџиева.
Таа ја пофали играта на актерите на „12“, но пред се, „режисерот Синиша Евтимов кој создава ситуација“.
-Актерско достигнување на секој еден актер од екипата, дава претстава на системот на Станиславски и методот на Ли Стразберг, за автентичното живеење на сцената, би кажала, по учебник. Екипната актерска работа во претставата „12“ ни говори за театарот тука и сега. Тоа се бескрајно талентирани актери со големо партнерство, но се гледа и борба меѓу нив или со јазикот на филмот – тоа е како да имаме еден филмски кадар. Секој актер е дел од таа исклучителна работа, создава атмосфера и чувство на публиката како да сме воајер – рече Абаџиева.