Со врачувањето на наградите во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, синоќа заврши 59. МТФ „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Аплаузи, воздишки, силни пораки за изградба на нов театар и реновирање на зградата на постоечкиот што е затворен, но и за одличната организација на фестивалот чиј квалитет кој од година в година расте.
„Прилеп е град театар, Прилеп е местото на фестивалот, Прилеп е фестивалот. Прилеп треба да има театар, тоа повеќе не е ниту прашање ниту тврдење, туку насушна потреба“, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на фестивалот и селектор на програмата на затворањето на фестивалот.
„59. МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп од вечерва оди во нашата колективна меморија. Го затвораме со едно чувство на мир и исполнетост на сите зададени цели и визии, како може покрај сите предизвици да се смееме и осмелиме на сето тоа во и околу нас. Ова е фестивал на сите театри во Македонија и дека заслужува да биде третиран како таков. Ова е местото што ги спојува сите идеи, креативни процеси, конструктивни дијалози, ова е платформата на заедничкото театарско живеење. За жал, сѐ уште не сме дојдени до реализација на таа идеја – сите да работиме за уште поуспешен фестивал“, рече Стојаноска.
Таа се заблагодари на публиката за секој знак поддршка, за секоја посетена претстава, за секој осведочен настан на нашиот фестивал, на својот тим, на Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, сите пријатели на фестивалот, сите медиуми што нѐ поддржаа, новинарките што ревносно ги следеа сите настани, домаќините на фестивалот, актерите и театарските креативци од Прилеп што се секогаш наша поддршка.
„Мојот најсилен аплауз е за овие млади луѓе во црвени маички што осум дена го шаренееја Прилеп и ни помагаа на сите нас. Драги волонтери, вие го правите нашиот фестивал најубавото место за дружење. Мојата листа со прекрасни нешта за крај: Прилеп наутро додека се буди градот, волонтерите на сите страни, смеата на тимот и сите осмелувања и решавања на предизвиците, прекорот кај оние што треба да ни кажат какви сме, радоста во очите на дечињата на детска зона, прегратките меѓу нас, благодарната публика, отвореноста да создаваме уште повеќе. Се гледаме на 60. јубилејно издание!“, рече Стојаноска.
Големи аплаузи им посвети публиката на волонтерите, кои се многу важна нишка за да имаме подобар фестивал. Поголемиот дел од лауреатите пристигнаа синоќа во Прилеп за лично да ги подигнат своите награди. Меѓународното жири, составено од Лилија Абаџиева, претседател, Иван Меденица и Нела Оташевиќ ги одбра наградите. Абаџиеца и Меденица ги читаа наградите на македонски јазик.
Награда за кореографија и сценски движења ја доби Васил Зафирчев за „Рацин“.
„Необично сум возбуден поради големата чест за ова награда, а второ, среќен сум што ја примам на 13 јуни, 82 години од погибијата на Рацин. Како велешанец, за мене тоа е големо. За вербата на оваа визија им благодарам на Дејан Пројковски и Сашо Димоски, се разбира, и на публиката“.