Американските власти објавија морничави детали од убиствата во Минесота: „Материјал за ноќни мори“

Мажот обвинет за убиството на пратеничка од Минесота и нејзиниот сопруг, како и за ранување на сенатор и неговата сопруга, ги „демнел своите жртви како плен“ и „ги застрелал ладнокрвно“, изјави обвинителот на Минесота, Џозеф Томпсон, објави Еј-Би-Си њуз.

„Неговите злосторства се материјал за ноќни мори“, рече Томпсон на прес-конференција, опишувајќи ги „морничавите“ детали од нападите.

57-годишниот Венс Белтер е обвинет за убиство на демократската пратеничка од Минесота, Мелиса Хортман, и нејзиниот сопруг Марк, како и за ранување на демократскиот сенатор Џон Хофман и неговата сопруга Ивет во, како што ги нарече Томпсон, „политички атентати“.

Белтер, кој бил уапсен во текот на ноќта во Грин Ајл, Минесота, се соочува со федерални обвиненија за демнење и пукање со оружје на избрани официјални лица, како и со обвиненија за убиство од прв степен, соопштија властите. Тој се соочува со доживотен затвор, па и со смртна казна.

Во неговото возило, властите пронашле оружје и тетратки со имиња на 45 избрани функционери, рече Томпсон.

Боелтер наводно ги набљудувал домовите на своите жртви и водел белешки. Во претрес на дом во северен Минеаполис поврзан со Боелтер, властите пронашле листа на јавни функционери, со забелешка под името на Мелиса Хортман: „оженета со Марк, 2 деца, 11-ти мандат“, стои во судскиот записник. Во друга тетратка стои забелешка: „Голема куќа покрај голф терен, два пристапа, гледај од едно место“.

Томпсон откри дека уште двајца пратеници биле поштедени таа ноќ, додека Белтер, според обвинението, во саботата ги посетил домовите на четворица пратеници во раните утрински часови.

Прво, тој се појавил пред домот на сенаторот Хофман во Чамплин, Минесота, во црн теренец со ротациони светла и регистарска табличка на која пишувало „полиција“, рече Томпсон.

Снимка од безбедносна камера покажала како Белтер носи црн тактички елек, панцир и „хипер-реалистична силиконска маска“, изјави Томпсон. Вооружен со батериска ламба и пиштол „Берета“ 9 мм, наводно тропал на вратата и викал: „Полиција, отварај!“

Кога сенаторот Хофман и неговата сопруга дошле до вратата, осомничениот им светел во лицата со батериската ламба и рекол дека во куќата е пријавено пукање, прашувајќи дали поседуваат оружје, рече Томпсон.

Кога Белтер ја спуштил батеријата, Хофман извикал: „Ти не си полицаец!“, а потоа осомничениот рекол „Ова е грабеж“ и насилно влегол во домот.

Кога Хофман се обидел да го избрка, Белтер ги застрелал и него и сопругата, рече Томпсон. Откако Белтер избегал од местото, нивната ќерка повикала полиција. За среќа двајцата преживеаа, иако сè уште во тешка состојба.

Оттаму Белтер се упатил во домот на уште еден пратеник од Минесота, во Мејпл Гоув. Во 2:24 часот наутро заѕвонил на вратата облечен како полицаец и со истата силиконска маска, но за среќа пратеничката била на одмор со семејството, па го напуштил местото, изјави Томпсон.

Потоа возел до дом на сенаторка од градот Њу Хоуп, каде се паркирал на улицата. Во 2:36 откако дознале за пукањето кај Хофманови, полицијата испратиле офицер до домот на сенаторката. Таму таа го видела паркираното возило на Белтер и помислила дека станува збор за друг полицаец. Се обидела да разговара со него паркирани еден до друг, но тој молчел и гледал само напред. Кога припадничката на полицијата стигнала до куќата, решила да повика засилување, а Белтер веќе си заминал.

Од таму извозел до Бруклин парк, каде е домот на државната претставничка на Минесота, сенаторката Мелиса Хортман. Тој се паркирал пред куќата и ги оставил ротационите светла на возилото. Пред да влезе во куќата, таму пристигнале двајца полицајци кои биле испратени во патрола. Тие го виделе возилото на Белтер со вклучените ротациони светла, и него како стои пред куќата на неколку чекори од влезот. Кога ги забележал, тој веднаш отворил оган и влегол внатре во куќата, каде ги застрелал и убил Хортман и нејзиниот сопруг, Марк.

Полицајците возвратиле со оган, но Белтер успеал да избега од задниот излез. Во куќата полицијата го нашла неговиот пиштол, Берета, 9 мм, панцир и маска.

Во неговото возило, паркирано пред куќата на Хортман, биле пронајдени уште пет оружја и муниција. Во колата е пронајден тефтер со листа од најмалку 45 функционери Минесота, членови на Демократската партија, вклучително и сенаторката Хортман.

Како што објасни Џозеф Томпсон, сенаторот Хофман имал безбедносни камери, чии снимки се „материјал за ноќни мори“.

„Видеото од неговото пристигнување и пукање на сенаторот Хофман е морничаво, не е претерано да се каже дека ова материјал за ноќни мори“, рече Томпсон.

Овие настани ја предизвикаа најголемата потера во историјата на Минесота, која траеше 48 часа и во која учествувале 20 СВОТ-тимови, хеликоптери и беспилотни летала, соопштија властите.

Неколку часа по пукањата, Боелтер наводно испратил порака до своето семејство:
„Тато отиде во војна синоќа… не сакам да кажам повеќе за да не инкриминирам никого“.

Испратил и порака до сопругата во која наводно напишал: „Зборовите нема да објаснат колку ми е жал за оваа ситуација… ќе дојдат вооружени луѓе дома, не сакам вие да сте таму“.

При претрес на автомобилот на неговата сопруга, полицијата пронашла два пиштоли, околу 10.000 долари во готово и пасоши, нејзиниот и на нејзините деца.

INFO