Најдоцна до почетокот на септември сите државни возила ќе добијат таблички во боја

МВР веќе има распишано тендерска постапка за набавка на црвена и жолта боја со која ќе се бележат службените возила, а јавното отворање ќе биде на 25 јуни.

„На 25 јуни ќе биде јавното отворање на тоа. Се надевам дека ќе имаме фирма која ќе ни ги достави побаруваните бои и ќе добиеме најниска цена и веднаш после завршената постапка ќе донесеме заклучок на Влада односно задолжение за сите државни институции, тука спаѓаат ЈП, општините, државните институции, министерствата, Владата во рок од триесет денови да ги променат таблиците“, објасни Томовски.

Промената на таблиците ќе падне на товар на самите институции.

„Некаде околу 1200 денари е промена на таблици со промена на сообраќајна дозвола, но тоа не е некоја голема финансиска штета за државата отколку што може да се заштеди и да излеземе сериозни кон граѓаните“, вели тој.

Државата нема регистар на службени возила, па така од анализата на СОЗР се работи за околу 7.000 возила, од кои веројатно илјада ќе се исклучат од безбедносни причини – МВР, АРМ итн. Втората работа што се планира, како што кажа Томовски, е да се објави јавен телефонски број и мејл адреса каде граѓаните ќе можат да пријавуваат злоупотреба.

„Не знам какви се законските одредби дали ќе може тие луѓе да се казнуваат, но во најмала рака ќе подлежат на јавна критика и не верувам дека би го повториле тоа дело“, рече директорот на СОЗР.

На истиот принцип како што се прави регистар на службени државни возила, се прави и регистар на државни објекти на што работи вицепремиерот Арбен Фетаи.

„Целта ни е да ги фузираме овие два регистри и да имаме еден регистар во државата и за имоти и за возила“, рече Томовски.

Томовски исто така рече дека овој Буџет не дозволува набавка на нов владин авион, иако на државата и треба поголем ваков авион. Според него, тоа не е луксуз, туку потреба на една држава.

INFO