И да помине, и да не помине во ЕП, извештајот на Вајц за Македонија е шлаканица за Софија и Атина

Дека официјална Софија, а и Атина се вознемирени од еден ваков извештај за напредокот на Македонија во реформските процеси за интегрирање во ЕУ, доволно говорат повеќе од300-те амандмани што бугарските и грчките европратеници ги поднесоа за овој, повеќе или помалку рутински документ на Европскиот парламент. Имено, сличните извештаи за другите земји од Западен Балкан поминаа на Комитетот на министри на надворешни работи при ЕП (АФЕТ), уште на 4 јуни, само македонскиот доби „специјален третман“ и поради бугарскиот притисок беше одложен за 24 јуни.

Во сета мобилизација на бугарската дипломатија да го саботира извештајот на ЕП за Македонија, бугарскиот министер за надворешни работи, Георгиев ја промовираше и тезата дека „формулации како ‘признавање на македонскиот идентитет’ и ‘признавање на македонскиот јазик’ не се категории на меѓународното право што подлежат на признавање и не се елемент на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ или одредбите поврзани со процесот на проширување“. Аргументацијата на првиот бугарски дипломат со Копенхашките критериуми и меѓународното право, можеби и би била принципиелна, доколку Бугарија самата ги почитува во односите со Македонија, па и со европските институции. Што се однесува до Копенхашките критериуми, условот за уставните измени што Бугарија со предлог-преговарачката рамка, позната како француски предлог ѝ го наметна на Македонија воопшто не е во корелација со вредностите што треба да ги постигнат државите-кандидати во процесот на проширување на ЕУ. А во контекст на меѓународното право, тој услов претставува флагрантно кршење на принципот на суверенитет и немешање во внатрешното уредување на суверени држави.

„Биполарна“ бугарска билатерализација  на македонскиот национален идентитет и јазик

Освен тоа, односот на Бугарија спрема меѓународните институции е мошне „биполарен“, односно го игнорира принципот на реципроцитет кога самата треба да го почитува правото на самоопределување и здружување на македонското малцинство во својата држава и во тој контекст да ги спроведе 14-те пресуди за Европскиот суд за човекови права. Од друга страна пак, бара внесување на (дискутабилно) бугарско малцинство во македонскиот Устав, со нескриена намера за наметнување „бугарски корени“ на севкупниот македонски национален идентитет. Во таа своја „биполарност“ при толкување на правата на малцинствата, бугарскиот министер Георгиев се чини го изгуби компасот, па кажа дека националниот идентитет и јазик не се категорија на меѓународното право. Или можеби мисли само на македонскиот национален идентитет и јазик?

„Апсолутно не може да се негира дека националниот идентитет и јазик, секако и македонскиот, не се категорија на меѓународното право. Со самиот факт што националниот македонскиот национален идентитет и јазик се предмет на извештаи на меѓународни институции, како Европскиот суд за човекови права, на Обединетите нации, на Советот на Европа, потврдува дека категорија која е покриена со меѓународното право, па и со Копенхашките критериуми“, вели правен експерт, со искуство во заштита на правата на малцинствата токму пред меѓународни институции.

Мобилизирањето на сите ресурси на бугарската дипломатија за овој случај со годинешниот извештај на Европскиот парламент за Македонија, всушност не е некоја изненадувачка акција, Особено по прифаќањето на Преспанскиот договор со Грција, од страна на Македонија, кога всушност се случи првичната мобилизација на бугарската политика со препознаената шанса за реализација на 150-годишните амбиции и соништа на Бугарија, поврзани со македонската територија и Македонците. Во 2019 година се случи и првата резолуција на бугарското собрание за нивната позиција околу пристапувањето на Македонија во ЕУ со услови кои никако немаа допирна точка со Копенхашките критериуми и европските вредности, што до 2022 година се „искристализираа“ како француски предлог за Македонија. Сегашните, повеќе од 300 амандмани на извештајот на европратеникот Вајц за Македонија, од бугарските и грчките европратеници, за професорката и лидерка на партијата Глас за Македонија, Солза Грчева се пред сè разочарувачки гласови за европската позиција за проширувањето на Унијата воопшто.

Македонскиот идентитет не може да зависи од каков било  извештај

„Можеби нема да бидат прифатени овие бугарски и грчки амандмани во извештајот за Македонија, но тоа не значи дека ние ќе ги почнеме преговорите со ЕУ. Однесувањето на Бугарија, па и на Грција спрема Македонија е само изговор на другите членки на ЕУ да оддолжуваат со проширувањето со Западен Балкан воопшто. Едноставно, во моментов е гледаат стратегиски интерес за проширувањето, а ние со влегувањето во НАТО си ја затворивме вратата за ЕУ, а притоа очигледно Преспанскиот договор не нè заштити од ветата на Грција, а ги отвори апетитите на Бугарија. Бугарските и грчките амандмани на извештајот на ЕП се ирационални, но европскиот одговор е премногу мек, дури толерантен. Како шанса ни нудат да се придружиме на моментот на интерес за внесување на Украина и Молдавија во ЕУ, што е навредливо за нас како Македонија, но и за сите земји од Западен Балкан. Сепак и ние имаме одредени лостови за уцени, наспроти уцените на соседите, но нашата дипломатија треба да работи со центрите на моќ во Европа, а не да влегуваме во ‘филмот’ на Бугарија, која на секои два месеца ни вади некои нови резолуции или декларации,  а грчките европратеници сега бараат од извештајот за Македонија да не се употребува ни ‘преспанското име’ со ‘северна’, туку ‘Скопје’. Во секој случај, изгласувањето на извештајот во Европскиот парламент, можеби нема да значи многу за напредување во нашите ЕУ-интеграции, но отвора многу појасна перспектива за европската збунетост, предизвикана од сега веќе двете војни на нејзина територија“, вели професорката Солза Грчева.

Премиерот Мицкоски, во пресрет на 24 јуни, кога на АФЕТ треба да се разгледува извештајот за напредокот на реформите во Македонија, има воздржани очекувања, со оглед на нескриените притисоци што од сите страни ги спроведува бугарската дипломатија. Во македонската јавност пак од целата драма што се подигна околу извештајот на ЕП, се наметна прашањето, какви би биле последици од евентуалното негово „прескокнување“ во процедурите на Европскиот парламент. Дипломатот Ристо Никовски вели дека можеби преголеми значење се даде на овој случај , а „нашиот македонски идентитет не може да зависи од каков било и чиј било извештај “.

„Се чини дека посветуваме преголемо внимание на извештајот на Европскиот парламент, иако во основа тоа ќе биде сериозна шлаканица за Бугарија и Грција, но ништо повеќе од тоа. Нашиот, македонскиот идентитет не може да зависи од каков било и чиј било извештај. Треба да ни биде јасно дека овие извештаи немаат посериозно влијание врз зачленувањето во Унијата. Тие се повеќе некаква рутина на Европскиот парламент, за да имаат што да прават парламентарците. Сè заедно, треба да направиме максимум за тој извештај да помине, токму заради ударот што тој ќе го има врз нецивилизираното однесување и политики на Атина и Софија. Ништо повеќе од тоа“, вели македонскиот дипломат Ристо Никовски.

Јасминка Павловска

 

INFO