САД бомбардираa три нуклеарни постројки во Иран

Соединетите Американски Држави спроведоа воздушен напад врз три ирански нуклеарни објекти (Фордо, Натанз и Есфахан), користејќи т.н. „бункер-бастер“ бомби, соопшти американски претседател Доналд Трамп. Нападот беше изведен во координација со Израел, откако Иран започна уште еден ракетен напад врз израелска територија, пишува Асошиејтед Прес.

Во изјава на социјалната мрежа X, иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, остро го осуди нападот, предупредувајќи дека „САД ќе се соочат со вечни последици“. Амбасадорот на Иран во ОН, Амир Саид Иравани, побара итен состанок на Советот за безбедност, нарекувајќи ги американските напади „гнасни“ и „нелегална употреба на сила“.

Од Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопштија дека засега нема зголемено ниво на радијација надвор од погодените локации. Според агенцијата, Иран навистина произведува високообогатен ураниум во Фордо, што предизвикува загриженост за можно ослободување на нуклеарен материјал по нападот.

Нападот доаѓа по двомесечни неуспешни дипломатски напори на Трамп за повторно ангажирање со Техеран и договор околу иранската нуклеарна програма. Израелската војска соопшти дека иранските ракетни напади се намалени откако израелските сили почнаа да таргетираат ирански ракетни лансери, но предупреди дека се подготвува за потенцијална долготрајна војна.

Американските разузнавачки агенции проценуваа дека Иран во моментов не работи на создавање нуклеарна бомба. Сепак, претседателот Трамп и израелските лидери тврдат дека Иран брзо би можел да создаде нуклеарно оружје, што го прави непосредна закана за регионот.

Во видео обраќање, Бенјамин Нетанјаху го пофали нападот, велејќи дека „САД направија нешто што ниедна друга држава не може да го стори“. Конфликтот веќе предизвикува нарушувања на воздушниот сообраќај низ целиот Блиски Исток.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, изрази длабока загриженост за „опасната ескалација“, предупредувајќи дека конфликтот може брзо да излезе од контрола со „катастрофални последици за цивилите, регионот и светот“.

Според Вашингтонската организација „Human Rights Activists“, израелските напади врз иранска територија досега усмртиле најмалку 865 лица, од кои 363 се цивили, а над 3.300 се ранети.

И покрај тоа што во својата претседателска кампања се залагаше за избегнување на странски воени ангажмани, Трамп ја брани својата одлука како „историски момент“ и апелира Иран да се откаже од нуклеарната програма и „да стави крај на војната“.

INFO