Израелската армија ја предупреди јавноста дека Иран повторно лансирал ракети кон Израел кратко откако Доналд Трамп најави прекин на огнот, пишува Асошиејтед Прес.
Во текот на ноќта, според израелските власти биле регистрирани три одвоени бранови на ракетни напади од Иран, и велат дека 4 лица биле убиени.
Израелската пожарникарска служба соопшти дека спасувачките екипи извлекле четири тела од урната седумкатна зграда, а продолжува потрагата по други евентуално заглавени лица. Меѓу спасените имало и деца, кои биле извлечени од рушевините.
Во централниот дел на градот Бершеба, присутни се стотици припадници на службите за итни случаи, кои трагаат по луѓе кои може да се заглавени под урнатините.
Израелската управа за аеродроми информираше дека воздушниот простор повторно е отворен за итни летови, откако претходно беше затворен поради неколкучасовниот ракетен напад.
Лансирањето се случи по 4 часот наутро по локално време во Техеран, кога иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, изјави дека Иран ќе ги прекине нападите доколку Израел исто така ги прекине воздушните напади.
Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот на социјалните мрежи објави дека Израел и Иран се согласиле на „целосен и тотален прекин на огнот“ што ќе се воведува постепено во период од 24 часа. Сè уште не е јасно како најновите случувања ќе влијаат на евентуалните договори за прекин на огнот.
По објавата на Трамп, Министерот за надворешни работи на Иран соопшти дека Иран не се согласил на никаков прекин на огнот со Израел, директно оспорувајќи ја декларацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за „официјален крај“ на војната, но кажа и дека нападите ќе прекинат доколку Израел ги прекине нападите врз Иран.