Здружението „Гоу Грин“ од Скопје на 26 јуни 2025 година (четврток) ќе организира настан за вмрежување на организации, иницијативи и поединци кои работат на унапредување на урбаниот велосипедизам во земјава. Средбата ќе се одржи од 09:30 до 15:00 часот, во Младинскиот центар Матично во Скопје.
Целта на настанот е учесниците подобро да се запознаат, да разменат искуства и идеи, и да постават основа за идни заеднички активности и соработка.
„Гоу Грин“ соопштува дека интересот за велосипедизмот расте – сè повеќе градови инвестираат во велосипедска инфраструктура, се нудат субвенции за велосипеди, а граѓански иницијативи и настани за промоција на оваа еколошка форма на мобилност стануваат сè почести. Позитивен сигнал, велат организаторите, е и зголемениот интерес на градоначалниците за потребите на велосипедистите – тренд кој се очекува да продолжи и по претстојните локални избори.
Сите заинтересирани за учество на средбата или за дополнителни информации, можат да се обратат на е-поштата: [email protected].