Томас Вајц: ЕУ мора да остане обединета со своите соседи во предизвикувачкиот геополитички пејзаж

Во интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС Вајц рече дека големото мнозинство во ЕП сака да ја поддржи Македонија и целиот регион за подобар економски, политички и социјален развој.

„Знам дека и јас самиот се обидувам да го поддржам процесот на пристапување на сите шест земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Јас исто така сум и пријател на Бугарија“,  изјави Вајц.

На прашањето дали сегашната влада на Македонија има реална намера да ги спроведе бараните промени, Вајц беше дециден дека не може да го потврди тоа, но нагласи дека Европскиот парламент и понатаму е подготвен да ја поддржи земјата.

„Она што го знам е дека мнозинството во ЕП сака да ја поддржи земјата и целиот регион за подобар економски, политички и социјален развој“, рече тој.

Во однос на шпекулациите дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, извршил притисок врз европските институции, Вајц одговори дека извештајот го изработил објективно и врз основа на факти.

„Ја работам својата работа врз основа на фактите и што е можно пообјективно. Мојата единствена задача е да анализирам каде се наоѓа земјата во однос на европското право, владеењето на правото, независноста на судството, медиумите… И токму тоа го направив во овој извештај“, додаде тој.

Според него, извештајот не задира во прашања на јазик и идентитет, туку оценува состојбата во државата во рамки на европските вредности.

„Да, дел од тие вредности е правилното вклучување на малцинствата. Во овој случај, имаше многу дебати за вклучувањето на бугарската заедница, што е одразено во текстот. Но, покрај тоа, како што реков, станува збор за државата, за владеењето на правото – ова е процес базиран на заслуги, а билатералните прашања треба да се решаваат меѓу самите земји“, рече Вајц.

Тој нагласи дека во моменталниот геополитички контекст, Европејците мора да се обединат.

„Во сегашната геостратешка реалност, Европејците мора да бидат обединети и да го стават она што ги обединува на прво место. Тоа ќе ни помогне да продолжиме заедно напред“, додава тој.

Во заклучокот, Вајц ја повтори својата поддршка за регионот, но истакна дека напредокот мора да биде исклучиво базиран на реални резултати.

„Се сметам за голем пријател на земјите од Западен Балкан, како и за голем пријател на Бугарија. Мислам дека ако го ставиме она што нè обединува на прво место, тоа ќе биде во најдобар интерес на нашите земји и нашите народи“, вели тој.

На прашањето дали бил под влијание од Мицкоски или други европски политичари, Вајц кусо одговори: „Категорично – не“.

INFO