САД го преиспитуваат военото снабдување за Украина додека Русија ја засилува офанзивата

Соединетите Американски Држави привремено паузираа дел од воената помош за Украина, објави Белата куќа, наведувајќи дека одлуката е донесена „за да се стават интересите на Америка на прво место“. Суспензијата доаѓа во време кога Русија ја засилува офанзивата врз Украина, која викендов беше цел на најмасовниот воздушен напад од почетокот на инвазијата, пишува Би-би-си.

Портпаролката на Белата куќа, изјави дека одлуката следи по ревизија на Министерството за одбрана за американската воена поддршка на други земји. Според американски медиуми, паузата ги опфаќа испораките на системи за противвоздушна одбрана „Патриот“, прецизни артилериски гранати и други ракетни системи.

Одлуката доаѓа во критичен момент за Украина, која се соочува со зголемени руски напади. Москва тврди дека ја зазела целата источна област Луганск, како и делови од регионот Дњепропетровск. Истовремено, украинските сили извршија напад врз руска фабрика за производство на дронови и радари во Ижевск.

Претседателот Доналд Трамп минатата недела разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски на самитот на НАТО во Холандија и најави дека „ќе се разгледа“ испораката на дополнителни системи „Патриот“ за Украина. Двајцата лидери имаа тензичен состанок во март, по кој Трамп најави пауза на воената и разузнавачка поддршка за Украина – мерки кои подоцна беа повлечени.

Во меѓувреме, францускиот претседател Емануел Макрон телефонски разговараше со рускиот претседател Владимир Путин – прв разговор по повеќе од две и пол години. Макрон повика на прекин на огнот и почеток на преговори, додека Кремљ соопшти дека Путин ја обвинил Западната политика за започнувањето на војната.

INFO