„Овој настан не само што го одбележа времето, туку создаде нова енергија и визија за културната соработка во регионот и пошироко. Трибината, одржана во просториите на Македонскиот КИЦ во Софија, не беше само формален настан, туку таа беше вистински жив дијалог на културните визии, место каде што стратегиите на културната дипломатија се преточија во конкретни идеи, искуства и планови. Присуството на директорите на македонските културно-информативни центри од четири европски метрополи -г-ѓа Мими Ѓоргоска – Илиевска (КИЦ Загреб), г-дин Васко Шутаров (КИЦ Белград), г-дин Диме Ратајкоски (КИЦ Истанбул) и домаќинот, г-дин Зоран Пејковски (КИЦ Софија) – ѝ дадоа на оваа трибина меѓурегионално значење. Нивното учество беше од огромна важност, зашто тие не се само институционални претставници, туку и носители на живи приказни, мостови меѓу култури, и чувари на идентитетот во меѓународен контекст.
Секоја нивна мисла, секое споделено искуство и секоја визија беа вплетени со емоција, посветеност и убедување дека културата е најмоќното средство за зближување. Како што беше истакнато на трибината, Македонскиот КИЦ во Софија, со две децении континуирана работа не само што претставува точка на културна размена, туку, тој е симбол на пријателство, постојаност и разбирање меѓу македонскиот и бугарскиот народ“, истакна како првичен впечаток од трибината домаќинот, директорот на македонскиот КИЦ во Софија, Зоран Пејковски.
Настанот го збогати и присуството на амбасадорката на Република Македонија во Бугарија, Агнеза Руси – Поповска.
„Овој настан го поттикнува она што секоја држава треба да го негува- културната дипломатија како мост меѓу народите. Присуството на директорите од четири европски градови ја потврдува моќта на меѓународната соработка, додека државната поддршка ѝ дава неопходна институционална тежина“, истакна амбасадорката Руси-Поповска.
Во текот на трибината отворени беа значајни прашања за стратегиските приоритети на македонските културни институции во странство, потребата од посилна регионална интеграција, унапредување на меѓукултурниот дијалог, како и начини за поголема афирмација на македонската култура и уметност на глобално ниво. Јасна беше и пораката: културната дипломатија не познава граници- таа создава мостови каде што другите гледаат ѕидови.
На трибината беше истакнато дека посебно значење доби и вклучувањето на останалите македонски културно-информативни центри, кои во изминатите години се наметнуваат како вистински стратешки јадра на културното претставување на Македонија во странство.
КИЦ Загреб, под раководство на Мими Ѓоргоска – Илиевска, со својата интензивна и континуирана работа, претставува важен културен глас на Македонија во Хрватска. Преку книжевни вечери, изложби, музички и филмски програми, овој центар успева да изгради длабоки врски со хрватската културна јавност, зближувајќи ги двата народа преку уметноста и културата, така што нејзиниот ангажман и блискоста со заедницата даваат јасен сигнал за плодна и динамична соработка, беше забележано на трибината.
Исто така беше истакнато дека КИЦ Белград, предводен од Васко Шутаров, е најновиот член во семејството на македонски културно-информативни центри и веќе игра значајна улога во промоцијата на македонската култура и на културна дипломатија, каде се реализираат проекти со долгорочно значење, особено во полето на културниот дијалог помеѓу Македонија и Србија.
За КИЦ Истанбул, се наведе во дискусијата дела под водство на Диме Ратајкоски, е мост меѓу Македонија и Турција, две земји поврзани со богата заедничка историја и традиција. Центарот со особен сензибилитет ги промовира вредностите на македонската културна и духовна ризница, притоа градејќи културни мостови со современата турска уметничка сцена. Со своето искуство и професионален пристап, претставува пример за тоа како културната размена може да прерасне во искрено пријателство.
„Сите овие центри, и секој од нив посебно, не се само институции, тие се живи организми што пулсираат со љубов кон културата и длабока почит кон различностите. Тие ја носат Македонија со себе, ја претставуваат, ја слават, ја отвораат кон светот, не со политика, туку со поезија, со музика, со филм, со книги, со гласот на уметниците“, истакна домаќинот на трибината Зоран Пејковски.
Во завршниот дел на трибината, збор добија и посетителите, кои со особена емоција го споделија својот впечаток за работата на македонскиот КИЦ во Софија, истакнувајќи ја неговата посветеност, континуитет и искреност во мисијата за градење на културни мостови. Нивните зборови беа најдобриот доказ дека Центарот оставил трага, не само во институциите, туку и во срцата на луѓето.
По повод јубилејот, директорот Зоран Пејковски им додели признанија и благодарници на колегите-директори, со што уште еднаш беше потврдено дека културната дипломатија не е индивидуален напор, туку заедничка мисија. Таа бара синергија, заемна поддршка и визија што ги надминува границите.
„Од своето основање во 2005 година, КИЦ Софија е непрекинат промотор на македонската култура, организирајќи стотици изложби, концерти, книжевни вечери, филмски проекции и јазични програми. Тој претставува светилник на културата, отворен прозорец кон светот, и достоинствен претставник на културната душа на Македонија. Овој настан, организиран со љубов, визија и гордост, постави нови темели за иднината, темели врз кои културната дипломатија ќе продолжи да расте, да се развива и да обединува“, порача Пејковски.
Главниот заклучок беше јасен и едногласен од сите учесници: Културната дипломатија е најмоќната алатка за градење доверба, разбирање и пријателство. Преку културно-информативните центри, таа стратегија добива глас, форма и душа.
„И токму затоа, од Софија, од Загреб, од Белград, од Истанбул, и од срцата на сите оние што веруваат во културата – одекна пораката: Македонија зборува со јазикот на културата, уметноста и човековото достоинство. И токму затоа, се слуша, јасно, гласно и со љубов“, испратија порака учесниците на трибината во Софија за улогата на културните центри во културната дипломатија.