Дуел за унитарноста на Македонија меѓу Муцунски и Османи

Муцунски во интервју на „Вести плус“ на ТВ Канал 5 најави дека ќе се преземат проактивни мерки да се спречуваат таквите наративи. Оцени дека тие кои со години лажеле дека се вистински Европејци „една кампања за локални избори и борба за само една градоначалничка позиција ги довела до ситуација да будат наративи од 19 и 20 век“.

„Човекот кој со години нè убедуваше дека го има на ум најдорбиот интерес за Македонците кога носи одлуки, упати порака на јасен политички проект за редефинирање на државата. Многу опасно, не само за нас, порака која е страшно опасна за целиот регион. Зборуваше за т.н автономија во одлучувањето, практично отвараше теми за создавање држава во држава. Прво, јасно треба да му биде дадено до знаење, дека унитарниот карактер на државата никој нема да го наруши. Оваа држава, ниту била, ниту ќе биде федерација или конфедерација. Ваквите повици се опасен наратив кон тоа. Што сака тој да каже, автономија во одлучвањето? Дали тоа треба да значи дека Македонците што живеат во Чаир треба да бараат автономија на одлучувањето да создаваме општини во општини, држави во држави? Јасно е дека овие луѓе имаат изгубено тотален компас, јасно е дека можеби живеат во некои наративи од минатиот век за големи албански држави и сето тоа. Ова е Европа, Европа во 21век и ова е земја членка на НАТО. Ваквите ризични опасни наративи за нарушување на унитарниот карактер на државата не само што максимално ги осудуваме, туку ќе преземе проактивни мерки да ги спречуваме“, рече Муцунски.

Тој дополни дека верува во соживот и дека Македонците, Албанците, Турците, Ромите, сите националности кои живеат тука, сакаат соживот, држава која е развиена, сакаат да се зборува за инвестиции, за европскиот пат.

„Верувам и работам не само на внатрешна кохезија, туку и за одлични билатерални односи со Косово, Албанија, Србија, Бугарија, Грција, со сите земји од поширокиот регион,  но ова се наративи кои ни штетат нам и на регионалната стабилност. Не само што ќе ги осудиме, туку и ќе преземе проактивни мерки да ги спречуваме. Овие кои со години нè лажеа дека се вистинските Европејци кои веруваат во европски вредности видовме како една кампања за локални избори, како борбата за само една градоначалничка позиција ги доведе до ситуација да будат наративи од 19 и 20 век“, рече Муцунски.

На ваквите гледишта на актуелниот министер за надворешни работи, Муцунски, реплицираше неговиот претходник Бујар Османи, кој кого всушност беа упатени забелешките. Своите аргументи за одржување на унитарноста на Македонија, Османи ги заснова на Охридскиот договор.

„Во начелата и принципите на Охридскиот мировен договор е пресликан современиот модел на соживот и функционалната унитарност на земјава. Функционалноста на мултиетничката демократија подразбира почитување на договореното во Охрид: од принципите (духот на договорот), до неговите механизми како што се ‘бадентер’, правичната застапеност (балансер), засилена децентрализација, јазичната артикулација итн.

Оној што не ја разбира, или не сака да ја прифати оваа реалност, директно удира во темелите на современата државност, кои се нашироко прифатени не само во земјава туку од нашите стратешки партнери како што се САД и ЕУ“, пишува Османи.

Тој вели дека ние сме се договориле дека на основ на граѓанските индивидуални права, ќе изградиме систем, со механизми и процедури, со кои ќе ги негуваме и унапредуваме и колективните права на заедниците.

„Оттаму е и правото на немнозинските заедниците автономно да ги избираат свои легитимни претставници, и тоа да биде општествено вреднувано и почитувано. Вистинското вреднување на овој механизам не ја загрозува, туку ја зајакнува внатрешната кохезија како основно врзивно ткиво на унитарноста на државата.

Оваа Влада не влече храбри, туку неразумни потези, кои се во директен судир со долгорочните интереси на државата и на сите нејзини граѓани и тоа по сите нејзини клучни сегменти. Изјавата на Муцунски не претставува само погрешно разбирање на суштината на Охридскиот договор, туку делува и како обид за отворање на непотребен етнички фронт, во политички контекст кога ни е потребен суштински консензус за европското досие.

Охрид не е проблемот – Охрид е решението. Исто како и Преспа, исто како и Договорот за пријателство со Бугарија. И уште еднаш – тој што не го разбира тоа или не сака да ја прифати таа реалност директно и наштетува на иднината на земјата“, реплицира Османи.

INFO