Грижата на совеста во Абецедарот на Грција за Македонците од пред 100 години

Македонската претседателка од говорницата во Крушево, упати прашање до Грција, зошто не ја одбележува 100-годишниата од тој Абецедар, со што би дала барем некаква симболика дека го признава(ла) македонското малцинство на нејзина територија, дека ги почитува(ла) меѓународните договори и стандарди за правата на малцинствата, па на извесен начин да даде на знаење дека и таа го спроведува Преспанскиот договор, а не само да бара од Македонија исполнување на обврски, кои ги надминуваат и одредбите на спогодбата, како задолжителна употребата на „северна“ и во домашните изјави на македонските политичари.

Претседателката на Мечкин Камен праша зошто сега никој не го одбележува овој јубилеј кој докажува дека во Грција живееле и сè уште живеат Македонци и дека македонската нација не е нова и модерна, туку има историска позадина најмалку како и сите други народи во Европа.

Чудно е, во името на слободата на мислата и нејзиното изразување, да слушате европски пратенички оспорувања на македонскиот идентитет, 100 години по печатењето на Абецедарот за децата Македонци во Атина во 1925, под притисок на Лигата на народите! Прочитајте го Абецедарот. Зошто не се слави 100-годишнината од донесувањето на Абецедарот? Прашувам, драги сограѓани, неразбирливо е пратеници среде Европскиот парламент, кој за мене е, така ги учам и студентите, школа на европската демократија, да ве квалификуваат како млад народ и млада држава, со модерен јазик и модерен идентитет. Не е 100 години, претходно, многу модерно”, рече Сиљановска-Давкова на Мечкин Камен.

Абецедар е буквар на македонски јазик подготвен од специјална комисија на грчката влада, под меѓународен притисок и покровителство на Друштвото на народите, а отпечатен во Атина во мај 1925 година со лерински народен говор на приспособена латинична азбука и со нагласено фонетски правопис.

Кратко после неговото печатење Абецедарот бил запленет и уништен од страна на грчката влада. Во 2006 година е дозволено повторно реиздавање на Абецедарот од страна на партијата „Виножито“.

Апелите до Грција да се сети на Абецедарот што, иако под меѓународен притисок го подготвила и го објавила за децата-Македонци пред 100 години да учат на мајчин јазик, и денес наликува како повик на совеста за носителите на грчката политика за да си признаат прво самите дека постои автохотоно македонско малцинство на нејзина територија, луѓе кои зборуваат македонски јазик, кој секако не е е грчки јазик. По Преспанскиот договор од 2018 година, на неупатените во македонско грчките односи може да им се чини дека Абецедарот може да биде точка на зближување.

Историчарката Наташа Котлар – Трајкова, директорка на Државниот архив на Македонија, смета дека Абецедарот од пред 100 години тешко може да ја разбуди совеста на Грција во однос на автохтоноста и посебноста на Македонците, ниту за правата на малцинствата како дел од човековите права, односно меѓународното право.

Самиот наслов, Абецедар, покажува дека тој буквар е со латинични букви, со намера да се избегне соочување со фактот и признавање дека има православно, автохтоно население, кое говори на јазик кој не е грчки. Со Абецедарот со латинични букви јасни се намерите да му се одземе легитимитетот на автохтоност на македонското население во Грција. Тој Абецедар е направен под притисок на тогашното Друштво на народите, но е ендемичен и несоодветен за македонскиот говорен ентитет, кој е славофон. Со тоа сакаат да го одбегнат фактот дека Македонците се домородно автохтоно население на тој простор на Егејска Македонија, на територијата на тогашната грчка држава“, вели професорката Котлар-Трајкова.

Таа го доловува и историскиот контекст, кога е објавен Абецедарот, а тоа е периодот по договорот за размена на население од Лозана (Швајцарија), од 1923 година, меѓу Грција, Бугарија и Турција.

Тогаш се менуваат етничките карти во егејскиот дел на Македонија, во Измир (Смирна) во Турција, и во Бугарија. Сето тоа се случува преку Друштвото на народите (претходник на Обединетите Нации), па во целиот тој проект со размена на население, сакаат некако да докажат дека се грижат за правата на  малцинствата, но очигледно само формално. Така се прави и Абецедарот, но само за да се направи, а не како што треба за да соодветствува на говорот на Македонците. После 100 години, доколку постои политичка волја, тој и таков Абецедар може да биде некаква појдовна точка за прифаќање од страна на Грција на постоењето на македонскиот јазик и посебено автохтоно македонско население на нејзина територија. Но, по Преспанскиот договор политичките услови се толку изменети, што тоа е тешко реално изводливо“, смета Наташа Котлар-Трајкова, директорката на Државниот архив на Македонија.

Поранешниот пратеник во македонското Собрание,  Илија Димовски, кој е добар познавач на состојбите и процесите на националното самоосознавање на новата генерација Македонци во Грција, смета дека говорот на претседателката Сиљановска претставува нова енергија во нашето политичко осознавање кога станува збор за почитување на основните човекови права на Македонците кои живеат во соседните држави.

Република Македонија е единствена национална татковина на македонскиот народ и таа има свое jus naturalis  (природно право) да се грижи за правата на Македонците, без разлика дали тие имаат, или не, формален однос со неа изразен преку државјанство. Република Македонија не е само административен ентитет, туку таа е conditio sine qua non (услов без кој не се постои) на македонскиот историски проект. Ако државата не го заштити секој Македонец, внатре и надвор од границите, ако не го заштитува природното право да се биде Македонец, тогаш таа и ја губи смислата на нејзиното формирање.

Правото на мајчин јазик и образование на мајчин јазик е право кое не може да го суспендира ниту Грција, ниту Бугарија, ниту пак Република Македонија, па и какви договори тие да склучиле меѓу себе. Говорот на претседателката Сиљановска преставува нова енергија и компонента во нашето политичко осознавање и ограничување на нашата непотребна автоцензура кога станува збор за почитување на основните човекови права на Македонците кои живеат во соседните држави“, вели Илија Димовски.

Јасминка Павловска

INFO