Во КИЦ – офицерски Битола вчера беше отворено Второто меѓународно биенале на минијатурна уметност МБМБ Битола 2025.
Биеналето е организирано и реализирано од нејзиниот раководител Владо Ѓорески, кустос и графичар кој што воедно е и раководител на Меѓународното графичко триенале Битола.
Зстапени се околу 600 автори, со околу 800 дела од повеќе од осумдесет држави.
Според уметничкиот израз на пристигнатите дела, станува збор за една од позначајните ликовни манифестации во меѓународни размери. Второто биенале на минијатурна уметност веќе е позиционирано во релевантните ликовни случувања и е одредница за современите уметнички текови во светот.
После Битола, биеналето ќе биде презентирано во Грција, Србија, Романија а во преговори е и со Полска затоа што свое учество имаат над сто полски автори.
Настанот го отвори Драган Ристевски, галерист, кој што истакна:
-„… Очигледен е растечкиот интерес од страна на уметниците ширум светот, што потврдува дека Биеналето и Битола стекнуваат афирмација и респект, како и желба кај авторите да бидат дел од оваа меѓународна уметничка средба. Концептот на Биеналето – мал формат, е намерно избран, бидејќи им овозможува на уметниците да се изразат чисто, неоптоварено, импулсивно и слободно….“
На самото свечено отворање, постхумно беше доделана специјална награда на битолскиот ликовен уметник Ранко Струмениковски за неговиот придонес во развојот на современата ликовна уметност и графика во Македонија. Наградата ја прими Тања Струмениковска Ристевска, ќерка на уметникот како и специјална награда на Гоце Божурски за истакнати креативни изразувања особено во минијатурната уметност, реализирана и преку неговиот циклус создаден од 1000 графички дела- „Илјада и една љубовна приказна“