Синоќа со прогласување на добитниците на наградите, заврши 4. издание на фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ што се одржуваше во Дојран.
Беа прогласени победниците и беше доделена големата награда за најдобар филм на медитеранот, најдобариот режисер на медитеранот, најдобра актерка и најдобар актер на медитеранот, најдобар композитор на оригинална филмска музика на медитеранот, и наградата за најдобар кусометражен филм на медитеранот, за кои одлучуваше жирито во состав: Христос Пасалис, Теодосија Добријанова, и Игор Анѓелков.
Беше доделена уште една награда, за најдобра медитеранска приказна, која ја доделува Студентското жири на фестивалот, кое избира и наградува сосема спротивно и сосема поинаку од големото фестивалско жири! Затоа што младоста има свои приказни!
-Во изминатите неколку денови гледавме неколку прекрасни, возбудливи, итни филмови, многу различни еден од друг, од различни држави, секој со своја естетика и предмет на интересирање. Погледнавме филмови кои ги отсликуваат некои од најитните прашања со кои денес се соочуваат Балканот и Медитеранот. Го видовме регионот како рута, но и како последна станица. Како дом и како ладен, индиферентен домаќин. Филмовите заедно создаваат палета од човечки искуства кои нам сега ни изгледаат барем малку поблиску. Гледајќи ги овие филмови заедно со вас беше привилегија, а да се биде дел од жирито – тоа беше задоволство, но и одговорност која не ја издржавме лесно. Вечерва, на затворањето на фестивалот, имаме чест да ви ги претставиме и победниците, рече Христос Пасалис, претседател на жирито.
Главната награда за најдобар медитерански филм на фестивалот „Преку езерото“ ја доби филмот „Мали проблематични девојки“ и Уршка Ѓукиќ, за автентичното прикажување на моминското детство и тинејџерската сексуалност. Станува збор за длабоко и лежерно, сензуално деби кое отворено зборува за копнежот по оваа речиси неистражена територија помеѓу детството и животот на возрасните.
Наградата за најдобар краток филм ја добија два филма- „Момчето со бела кожа“ од Симон Панау и „Бланш“ од Јоана Ракотариса.
Наградата за најдобра музика ја доби „Било каде било кога“ од Милад Тангшир, за филм кој ја користи музиката не како позадина или атмосфера, туку како лик во наративот.
Наградата за најдобра актерка оди кај Фереште Хосеини за нејзиното фасцинантно толкување на модерната Антигона.