Пожарот во Јасен веќе четири дека го гаснат хеликоптери и ер трактори, а на терен се и тимови на Армијата и Министерството за внатрешни работи, со помош на кои една од линиите на пожарот над патот во текот на ноќта е изгасната и е спречено огнот да се префрли во боровата шума.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Стојанче Ангелов, вели дека огнот зафаќа исклучително непристапен и стрмен терен каде на одредени делови човек воопшто и не може да пристапи. Од утрово повторно се активира дел од пожарот на сртот, каде што се упатени екипи да се обидат да го стопираат
„Од долната страна на патот, од капијата на Јасен кон езерото Козјак состојбата е многу лоша. Има многу чад и видливоста е намалена, особено за воздухопловите, заради што и не можеме да дејствуваме од воздух. На терен, покрај екипите на АРМ и МВР има и тимови од Јасен и Национални Шуми и повеќе специјални возила и цистерни, а од вчера на помош се повикани и пожарникари од Кавадарци со две возила,“ рече Ангелов.
Освен Јасен, од вчера активен пожар има и во Општината Сарај, од селото Радуша кон Дворце, каде гори ниска вегетација. Ангелов вели дека во моментот пожарот не претставува опасност, но постои можност да се прошири кон планината Жеден. активен е и пожарот во Македонски Брод во селото Крапа каде гори ниска вегетација и нискостеблеста шума. Во последните 24 часа во земјава имало вкупно 33 пожари на отворен простор, од кои активни се три пожари, под контрола се два пожари, а изгаснати се 28 пожари.
Ангелов вели дека дел од овие пожари се подметнати, бидејќи од вчера бројката повторно е многу голема, a состојбата дополнително ја компликува и ветерот.