Maкедонскиот уметник Цветин им пиша на Трамп и на Путин – да не се повторат Хирошима и Нагасаки

Македонскиот сликар и уметник Живко Поповски-Цветин упати писма до американскиот и до рускиот претседател, Доналд Трамп и Владимир Путин.

На англиски и на руски јазик, во писмата упатени до американскиот и до рускиот претседател, Цветин порачува да не се повтори катастрофата со фрлање на атомските бомби во Хирошима и Нагасаки.

„По повод вашата средба што набргу ќе се одржи на Алјаска, како поддршка, авторот на изложбата ‘Цвеќе на мирот’, која е отворена во знак на одбележување 80 години од Хирошима и Нагасаки, ви испраќа една од своите изложени слики со надеж дека со оваа средба ќе се најде решение за прекин на дејствата и да владее мирот во светот“, пишува Цветин.

Цветин пред извесно време ја отвори изложбата „Цвеќе на мирот“ во галеријата „Метаноја“, на која учествуваа Лидија Лучко-Јеремиќ со поема по повод атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки. Музичко-поетски перформанс имаа музичарите Никола Стојковски и актерката Арна Шијак. За оваа изложба д-р Коста Милков рече дека „во текот на годините на неговите заложби за мир Цветин насликал илјадници и илјадници слики со цвеќе на мирот. Неговиот прв формален настап е во далечната 1972 со изложени мозаици и колажи во Демир Хисар, а последниот е во Задар во јуни 2025 со име ‘Цвеќе на мирот’ по повод Деновите на уметноста во Хрватска. Повеќе од пет децении преданост и посветеност сведочат за непоколебливоста да се биде миротворец“.

Цветин е и креатор и идеолог на декларацијата за мир во светот и против војните и употребата на нуклеарното оружје, која досега ја потпишаа повеќе од 3.500 лица. Оваа декларација е отворена за потпишување како крик против војните и употребата на нуклеарното оружје и во поддршка на мирот во светот.

За сите потфати Цветин ќе каже „Цвеќето во човекот не ги сака ветровите на војната. Јас не измислувам нови цветови, туку само пресликувам цветови во луѓето што ги сакаат слободата и мирот“.

Живко Поповски-Цветин (1944, с. Брезово) е сликар на мирот и хуманист. Тој е поранешен претседател на Црвениот крст на Македонија и спаѓа меѓу номинираните за Нобелова награда за мир. Цветин како уметник е препознатлив по мисијата „Цвеќето на мирот“. Од 1970 година има реализирано над 300 изложби во земјата и светот и има подарено повеќе од 40.000 слики, кои пренесуваат порака на мир и надеж. Неговите дела се наоѓаат кај државници, уметници, поети и кај обични луѓе во светот.

INFO