Второто коло во овогодинешниот ПМФЛ шампионат, за тимот на Македонија ЃП ќе биде премиерно пред домашна публика. Во првото коло „Лавовите“ имаа тешка задача на гостувањето во Струга, каде што загубија со 2:0, а сега имаат можност за резултатска рехабилитација и освојување на првите бодови сезонава. На гости денеска им пристигнува актуелниот шампион, екипата на Шкендија, која што пак веќе сезонава обезбеди голема победа против Шкупи од 5:1 во Тетово. Сега, осоколена пристигнува во Ѓорче Петров по нови бодови.
За тоа што можат “Лавовите“ денеска, свој коментар има Јован Попзлатанов:
„Првото коло е секогаш тешко да се игра, особено пак ако тоа значи гостување во Струга. Голем удел во нашиот неуспех имаше и тоа што не бевме комплетни. Еве сега полека но сигурно се комплетираме, ни се приклучуваат странците, уште неколку имаме повредени, но ниту едното ниту другото не е повод за алиби. Добро ја анализиравме Шкендија, знаеме за каков противник се работи. Не случајно направија голем успех во Европа. Сепак, како и секоја екипа, и Шкендија има слаби страни, а ние планираме да ги искористиме. Македонија ЃП на домашен терен секогаш игра добар и пред се цврст фудбал, и нема на никого да му биде лесно да игра на нашиот стадион. Очекувам голема борба, максимум од целата екипа и нормално посветеност за позитивен резултат“ – истакна Попзлатанов.