Пожарот во тетовско и понатаму активен откако се разгоре два часа пред полноќ

Пожарот што вчера попладне беше ставен под контрола во пределот на тетовските села Рогачево и Јажинце повторно се активираше синоќа околу 22:30 часот, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК). Според информациите, утринава во 9 часот ситуацијата останала непроменета.

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека со помош на жителите на Рогачево успеале да изгаснат една огнена линија.

„Доцна синоќа пожарот во атарот на село Јажинце, општина Јегуновце, повторно се реактивира. Набргу потоа поради лесно горливата висока трева, грмушки и смреки пропратени со подзасилен ветер, огнената линија стана подолга од еден километар движејќи се во насока на магистралниот пат Тетово – Јажинце. На патот бргу поставивме одбрана со десет ПП цистерни, 8 пинцгауери и еден воден топ на МВР за да не дозволиме огнот да помине преку патот, доколку дојде до него,“ изјави Ангелов.

Тој додаде дека околу полноќ, заедно со возачот и седум жители на Рогачево, започнал гаснење на левата огнена линија, која по неколкучасовна борба била совладана.

„Посебно голема благодарност до седумчлената чета на Цветко Војвода од Рогачево со која успеавме да спасиме неколку хектари трева, грмушки и шума, гаснејќи по исклучително тежок за движење терен, изложувакки се притоа и на определен ризик ,“ рече Ангелов.

Десната огнена линија засега е недостапна поради густата и трнлива вегетација, но таму е активиран полициски хеликоптер кој фрла вода. Еден крак од пожарот се движи во насока на селото Дворце кон скопската страна.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, синоќа ја посетил локацијата и останал со екипите кои цела ноќ и утринава работат на терен. Во гаснењето се вклучени пожарникари со навални возила од ТППЕ Тетово, Гостивар, Велес и Кавадарци, како и локалното население.

INFO