Наместо да се памети како авантура на целиот живот, луксузното крстарење по европските реки за Џон (78) и Розмари Кас (77) се претворило во низа непријатности и разочарувања. Откако Џон се опоравил од тешка болест, парот реши да се почасти себеси и платил речиси 19 илјади за 15-дневно крстарење со „Викинг Ривер Крузес“. Но, она што требало да биде патување од соништата се претворило во пекол.
Веќе во првите денови се соочиле со неподнослива топлина. Европа беше погодена од топлотен бран, а клима уредите на бродот престанале да работат. Персоналот ги советувал да не ги отвораат вратите од кабините, за да не влегуваат инсекти во собите, па затоа останале заробени во пареата.
По пет дена, патниците морале да бидат префрлени на друг брод поради ниското ниво на водата. Но, ситуацијата ниту таму не била подобра, клима уредот не работел, а во нивната кабина имало дури 30 степени. Покрај тоа, таванот почнал да протекува.
Кога решиле да се пожалат кај капетанот, тензиите се зголемиле.
„Морав да ја спречам Розмари да се скара со него“, признал Џон, додека неговата сопруга додала: „Имав нешто да кажам, воопшто не бев среќна“.
Како да не било доволно сето тоа, за време на патувањето се проширила болест на бродот. Двојката се заразила и го поминала остатокот од крстарењето во кревет, исцрпени и со висока температура.
„Одев по ходникот и од секоја соба доаѓаше кашлица. Немаше бегање“, се присетил Џон. Откако се вратиле дома, им бил дијагностициран бронхитис, рекле тие.
Двојката решила да се пожали до компанијата. Розмари лично му пишала на директорот на „Викинг Ривер Крузес“, но како извинување добила само околу 860 евра попуст на следното крстарење.
Незадоволни од тој одговор, се обратиле до локалната телевизиска станица WSB-TV. Дури по медиумскиот притисок, компанијата понудила нов договор, но под услов да потпишат спогодба за неоткривање информации. И покрај сè, тие велат дека имаат горчлив вкус во устата.
„Веќе не сум ни лут. Тоа е завршено. Сега сум само длабоко разочаран“, рече Џон.