Првиот македонски долгометражен анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“, во режија на Гоце Цветановски, ќе ја има својата австралиска премиера на Sydney Science Fiction Film Festival – најголемиот филмски фестивал во Австралија посветен на научната фантастика.
Шестото издание на фестивалот ќе се одржи од 3 до 5 октомври во центарот на Сиднеј во престижниот комплекс Event Cinemas George Street. Филмот на Цветановски е во трка за наградата Рон Коб за најдобар игран филм – именувана по легендарниот концептуален уметник Рон Коб (Ron Cobb), кој остави траен белег во светската кинематографија со својата работа на филмски класици како Осмиот патник, Војна на Sвездите и Враќање во иднината.
„Фантастиката за мене отсекогаш била средство да зборувам за реалноста. Среќен сум што австралиската публика и македонската дијаспора ќе имаат можност да го проследат филмот на големото платно. “ изјави режисерот Гоце Цветановски.
Сценариото на филмот го потпишува Гоце Цветановски, арт директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Димитар Ѓоргиев. Продуценти на филмот се Алан Кастиљо, Ева Конрад, Браќа Калинови и Ладо Шкорин. Во главните улоги настапуваат Жарко Димоски, Дамјан Цветановски и Емилија Мицевска. Другите улоги ги толкуваат Филип Трајковиќ, Тони Денковски, Атанас Атанасовски, Слаѓана Вујошевиќ, Мартин Ѓоргоски, Елена Тарчуговска и Бојана Тосковска.