Мицкоски: Почнуваат подготовки за третата фаза од железничкиот Коридор 8

Почнуваат подготовки за третата фаза од изградбата на железничката пруга на Коридорот 8, на делницата од Куманово до Бугарија, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој информира дека се надминати сите пречки коишто во минатото го кочеа процесот, а постигната е и согласност со Бугарија. Земјава со активирање на грантот, ќе добие техничка поддршка од Европската инвестициона банка, за ревизија на основниот проект и на целосната документација, како и за објавување на јавниот повик за изградба и на третата фаза.

„Тоа ќе биде од големо значење за нас како држава, бидејќи на тој начин ќе ја потврдиме онаа наша цел, а тоа е да бидеме крстосница на два многу значајни паневропски коридори, Коридорот 10 и Коридорот 8“, рече Мицкоски и додаде дека во напредна фаза е и проектот со Владата на Обединетото Кралство за Коридорот 10.

Министерот за транспорт и врски Александар Николоски во јули годинава изјави дека Владата ќе бара од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и од Европската инвестициска банка (ЕИБ) дел од парите за изградба на пругата до границата со Бугарија да се пренаменат за изградба на брза пруга по Коридорот 10. Барањето, тој го образложи со зголемените трошоци за третата делница во должина од 23,4 километри, која предвидува и тунели, од кои и еден меѓуграничен и мостови, а за целосната реализација со надзор, техничка поддршка и електрификација, вредноста од првично планираните 340 милиони евра би била зголемена на 560 милиони евра.

Претходно, Македонија и Бугарија, ги обновија преговорите поврзани со пругата, особено за заедничкиот проект за изградба на прекуграничниот тунел помеѓу Ѓуешево и Деве Баир, кој треба да биде финансиран од ЕУ.

Во моментов дел од Коридорот 8 е пругата помеѓу Скопје и Куманово, следната делница од Куманово до Бељаковце е во изградба, но со  многу спора динамика.

INFO