Правосудството пред нова шанса за „поправен“ за злоупотреби на безбедносниот апарат

Колкава ќе биде штетата од оваа најнова афера за злоупотреба на службите од безбедносниот апарат на државата зависи исклучиво од јавното обвинителство и судството. Суштинското нерасчистување на поновите афери од помасовни размери, какви што беа „Големото уво“ и „Таргет-Тврдина“ направија огромна штета. Сега правосудството е исправено пред нова шанса за поправен испит, пишува „Вистиномер“ 

Во продолжение, ви ја пренесуваме објавата во целост:

Фокусот околу аферата актуелна деновиве со наводно незаконско следење од тајните служби, полека но сигурно се префрла врз правосудството. Иако владејачката партија го потенцира во своите брифинзи и соопштенија актуелниот јавен обвинител Љупчо Коцевски, неспорно е дека одговорноста според закон ја има и судот, поточно Врховниот суд, по што станува јасно дека одговорите што ги бара јавноста во крајна инстанца ќе треба да ги дадат обвинителството, коешто побрзо треба да ја затвори предистрагата и истрагата, да излезе со обвинителен акт ако има доволно основи за тоа, а потоа крајните одговори да ги даде судот низ транспарентна судска постапка. Настрана од контрола што би ја извршила и парламентарната комисија надлежна за безбедносните служби, последно барање од ВМРО-ДПМНЕ до денес, 03.09.2025 година.

Ова произлегува од она што е познато досега околу последната афера со, како што се тврди, злоупотреба на безбедносните служби Агенцијата за национална безбедност(АНБ) и Агенцијата за разузнавање(АР).

Контекст

Засега во јавноста излегоа многу тврдења од релевантни извори, од премиер до директор на една од службите, дека споменатите служби во даден период од 2019 до 2024 година биле злоупотребени со цел политичка пресметка со претставници на тогашната опозиција, денешната власт, при што настрадале и новинари, медиуми, еден јавен обвинител, еден поранешен министер и група бизнисмени кои биле блиски до опозицијата во тоа време(види тука и тука).

Аферата се отвори во предизборен период и во јавноста веќе постојат и мислења дека таа може да се користи и во предизборната кампања. Ова дотолку повеќе што аферата не е нова. За нејзе во јавноста уште додека беа во опозицијата говореа и сегашниот премиер Христијан Мицкоски, како и сегашниот вицепремиер Александар Николоски, но за првпат држејќи документи во раце, премиерот Мицкоски ја отвори аферата во декември 2024 година од говорницата во Собранието. Тогаш тврдеше дека располага и со имињата на соработниците кои го кодошеле и дека според документите со кои располага основата била дека тој има намера да ја преземе власта со параполициски структури кои ги организирал и финансирал, а информациите за него ги давале лица со псевдоними „Џокер“ и „Цилиндар“.

Интерна истрага, а за резултатите било известено Обвинителството

Аферата преку брифинзи ја (ре)откри раководството на АНБ уште во петокот на 29.08, а потоа на први сeптември и официјално беше потврдено и од првиот човек на АНБ Бојан Христовски и од премиерот Мицкоски.

Актуелниот директор Христовски кој на денот на АНБ се пофали дека ја консолидирал состојбата во Агенцијата, изјави дека не може да зборува за детали, но дека и тоа како имаат индиции за незаконско следење и прислушкување, меѓу другите и на лидерот на тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, сега актуелниот премиер Мицкоски:

Детали за ова не би можел да споделам бидејќи се работи за детали кои, како што кажа и премиерот, се со висока класификација и се сензитивни и не би сакале, меѓу другото, да нарушиме некој законски процес, но воедно и да нарушиме процес кој е или би бил отпочнат од Јавното обвинителство. Можам да кажам дека јас овој ден повеќе го гледам како ден кога раскрстуваме со минатото, ден кога даваме порака до сите кои некогаш се дрзнале да ја злоупотребат својата службена положба, повеќе да не го прават тоа. Се надеваме дека доколку се докаже вина кај тие за кои ние го имаме известено Јавното обвинителство ќе одговараат за тоа, и дека веќе никогаш нема да се повтори незаконско, непрофесионално и неетичко работење во Агенцијата, рече Христовски.  

Истото претходно го кажа и Мицкоски кој учествуваше на прославата, но додаде и други детали. Тој го спомена периодот од 2019, од формирањето на Агенцијата до 2024 година, но освен АНБ ја прозва и Агенцијата за разузнавање:

Па, јас не би можел да зборувам за деталите, претпоставувам и директорот ќе го каже тоа, бидејќи тоа е државна тајна и така е класифициран тој документ, документи би рекол. Но едно е факт, дека двете агенции и Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност темелно се занимавале со, во тоа време, претседателот на најголемата опозициска партија, т.е. со мене, меѓу другото и со новинари и со бизнисмени. Така што еве да оставиме време периодов процесот да тече, да видиме Обвинителството што ќе каже, судиите нормално во еден судски процес. Јас сум навикнат, еве истекува осмата година како сум претседател на ВМРО-ДПМНЕ навикнат сум на таков тип на луѓе и не ме изненадува тоа бидејќи и тогаш стигаа до нас информации што сè се случува“,

„Но, секоја работа има свој почеток, има и свој крај. Очекувам овие глодари да завршат онаму каде што им е местото – зад решетки и еднаш засекогаш да се стави крај на злоупотребата на ваквиот тим на агенции и ресурсите со коишто тие располагаат, изјави Мицкоски.

Димовски со демант, но само за Мицкоски

Првиот директор на АНБ Виктор Димовски, се јави со став на 02.09.2025г. при што тврди дека АНБ не постапувала против Мицкоски во периодот од 2019 до 2022 година, додека тој бил директор:

Во текот на вчерашниот ден од страна на премиерот и од актуелниот директор на Агенцијата за национална безбедност беа изнесени сериозни обвинувања за наводна злоупотреба на државни ресурси за прислушкување на поранешниот лидер на опозицијата (сега премиер), бизнисмени и новинари од страна на АНБ и Агенцијата за разузнавање. Со оглед на тоа што во претходен брифинг за медиуми во АНБ бил споменат периодот од 2019 до 2024 година, во дел од кој и јас ја извршував должноста директор на АНБ, одговорно тврдам дека тој како лидер на тогашна опозициска партија во периодот од 2019 -2022 година не бил предмет на посебен оперативен интерес на Агенцијата, не бил предмет на организирана оперативна работа, а со тоа ниту таргет кон кого биле применувани било какви оперативно-технички мерки, објави Виктор Димовски на својот Фејсбук профил.

Тој вели дека е„точно дека во наведениот период согласно законските надлежности во Агенцијата имаше постапка за преиспитување на проверките за безбедносни сертификати, вклучително и за еден тогашен и сегашен пратеник поради оддавање на класифицирана информација, а за што му беше поднесена соодветна кривична пријава до надлежното обвинителство“.

Димовски побара брзо расчистување на аферата со „декласификација“ на документите за кои зборуваат Христовски и Мицкоски.

Со оглед на сериозноста на изнесените наводи на синоќешниот прес и на претходниот брифинг во АНБ го повикувам директорот на Агенцијата веднаш и неодложно да ги декласифицира документите за наводни злоупотреби, а особено тие кои се однесуваат на прислушување на тогашниот лидер на опозицијата. Македонската јавност има право да знае кој тоа предлагал, барал, одобрувал и кој ги извршувал наводните прислушувања!

Очекувам дека овојпат нема да има криење со изговори од типот ‘класифицирани информации со степен на државна тајна’, посебно после последните неколку објави во некои ‘информирани медиуми’ кои лиферуваат конкретни имиња на лица кои наводно биле таргет на Агенцијата, вклучително и податоци за идентитетот на вработени и тајни соработнициистакна Димовски.

Она што може да се заклучи на прв поглед е дека Димовски инсистира на фактот дека додека тој бил директор – 2019 до 2022 г немало незаконски постапки на злоупотреба на службата, особено не преку прислушување на тогашниот лидер на опозицијата, т.е. на Мицкоски.

Став на опозицијата – „доколку е потребно нека има истрага“

Опозициската СДСМ најпрво соопшти дека ќе се воздржи од коментари додека трае истрагата, иако оцени дека кредибилитетот на АНБ бил нарушен откако Бојан Хрстовски бил именуван за директор:

 Факт е дека кредибилитетот и довербата на граѓаните во АНБ се целосно нарушени, по скандалот со назначениот партиски директор, Бојан Христовски. АНБ се партизира и се става во функција на ВМРО ДПМНЕ и можноста од злоупотреби е огромна. Оттука, СДСМ ќе се воздржи од коментари додека надлежните истражни органи не утврдат фактичка состојба. Очекуваме транспарентна и законска постапка да даде одговори на сите прашања. Убедени сме дека незаконското следење заврши со падот на режимот на ВМРО ДПМНЕ – изјави за Плусинфо Богданка Кузеска, портпарол на СДСМ.

Неколку часа потоа изјава даде лидерот Венко Филипче кој исто така побара целосна истрага „доколку е потребно“ и расветлување за да се избегнел елементот на лов на вештерки во целата работа:

Прво очекувам да има објективно прикажување на работите, фактите да се знаат во јавноста. Доколку е потребно да има истрага и да биде задоволена правдата. Ние во изминатиот период видовме многу најавени скандали, бомбастично од одредени портали, од партиската говорница на ВМРО-ДПМНЕ коишто немаа никаква разрешница. Да ве потсетам имаше најава некаква за поткуп на премиерот, понатаму дека бил следен со дронови, понатаму дека ќе има дестабилизација и еве сега некакво следење. Денеска има изјава и од поранешниот директор на Агенцијата за национална безбедност, и тој самиот вели, еве, барем нека се декласифицираат информацијата, па да видиме каква е вистината. За да нема лов на вештерки, лов во матно мислам дека граѓаните јавноста го заслужуваат тоарече Филипче во Собранието како одговор на новинарско прашање.

Ден подоцна, 03.09.2025 г. СДСМ цврсто бара декласификација на документите од АНБ. Преку прес на портпаролката Богданка Кузеска, СДСМ изрази јасен сомнеж „со случајот што власта се обиде да го претстави како наводна афера за прислушкување“. За опозициската партија контрадикторни биле изјавите на Христовски и на Мицкоски:

Мицкоски вели едно, дека наводно бил прислушуван, а директорот на АНБ го демантира и вели друго: дека станува збор за „прибирање информации за таргетирани лица“. Кој овде лаже? Затоа е неопходно веднаш да се декласифицираат сите документи и јавноста да ја дознае вистината.

Обвинителството (сè уште) испитува

Засега не е познато дали оваа афера, која како што е напоменато на почетокот не е нова, е во фаза на предистрага или е веќе отворена истрага. На 26 декември 2024 година Мицкоски за првпат посочи дека бил цел на тајно следење поради наводи од соработници како „Цилиндар“ и „Џокер“, а ден подоцна како што соопштија медиумите, Јавното обвинителство оформило предмет по допрен глас и за тоа лично главниот обвинител Коцевски го информирал премиерот.

По актуелизација на аферата што се случи деновиве, надлежното Јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција(ОЈО ГОКК) се јави со став по неколку дена, т.е. на 02.09.2025 г. доставило информации до медиумите дека и најновите сознанија ќе бидат додадени и истражени во отворениот предмет:

Во однос на претходните наводи за следење на премиерот, по насоки на јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, ОЈО ГОКК оформи предмет во кој се преземаат дејствија на проверки. Воедно и наводите во последните известувања од АНБ детално ќе бидат испитанисоопштија од Обвинителството раководено од Ислам Абази.

Во истото известување стои и навод кој може да се оцени како заштитувачки во однос на споменувањето на Коцевски, кој наводно во периодот од 2019 до 2024 година бил одговорен за проценување и препраќање на барањата за посебни истражни мерки – нешто што го потенцираат особено од ВМРО-ДПМНЕ. Спороде ОЈО ГОКК улогата на јавниот обвинител во таквите случаи е само проследувачка до Врховниот суд:

Обвинителството единствено ги проследува законски заснованите барања од АНБ за превентивни разузнавачки мерки до Врховниот суд кој потоа издава соодветна наредба за реализација на мерките. Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон, посочуваат од Обвинителството.

Но тука и во соопштението може да се забележи дека не е баш така. Односно, проследувачот, во случајот јавниот обвинител, проследува до Врховниот суд само „законски засновани барања од АНБ“, а досегашните тврдења на Христовски и Мицкоски се дека АНБ работела незаконски и била злоупотребувана .

Колку побрзо правно разрешување толку подобро за државата и граѓаните

Оваа најнова афера со злоупотребата на „тајните служби“ секако дека нанесува штета и на државата и на граѓаните, влијае на сигурноста и на правната држава, како и на довербата во институциите.

Станува збор за најмалку трета афера од помасовни размери во последните 25 години, по „Големото уво“ од 2000-та година и „Бомбите на Заев“, подоцна судскиот случај кој во 2023 г. доби неславна завршница познат под името „Таргет-Тврдина“. Нејзиното времетраење и нерасчистување остава простор за шпекулации, спинови и кампањи, во кои една политичка групација е постојано жртва, а друга е постојано на темната страна од историјата и се служи со недемократски мерки како што се злоупотребите на службите (види тука), иако со самиот факт дека суштинското нерасчистување на тоа кој прислушкувал и по чиј налог и во 2000-та и од 2009-2015 година, укажува дека вистината е многу посложена од такво црно-бело гледање на работите.

Оттаму и констатацијата извадена и во насловот и на почеток на текстот, дека фокусот е во Јавното обвинителство и во судството. Впрочем, тој заклучок, барем формално, е барање на најголемиот дел од политичките елити, а суштински, секако и барање на граѓаните.

 

Пишува: Теофил Блажевски

INFO