Основното јавно обвинителство Скопје започна истрага во врска со пожарот во магацински објекти во селото Трубарево, а ја вклучи и Единицата за атомска, биолошка и хемиска одбрана на АРМ. Од ОЈО информираат дека веќе се извршени мерења со специјални инструменти за детекција на хемиска и токсична контаминација на воздухот со гасови и честички кои се ослободуваат од пожарот. Првичните резултати веќе ги има обвинителството, а од таму информираат дека ги очекуваат и резултатите од извршените мерења и од надлежните служби на Министерството за животна средина.
„Јавниот обвинител издава наредби за обезбедување на целокупната документација за работата на компанијата во чии магацини настана пожарот. Во следниот период, по создавање на услови и обезбедување на податоци за видот на складираните објекти, ќе биде наредено вештачење за да се утврди видот на контаминација и последиците од загадувањето. До овој момент во опожарениот објект нема услови да се врши увид на лице место, а припадниците на МВР и натаму се задолжени да ограничуваат пристап на сите неовластени лица и на лица кои немаат соодветна заштита“, посочуваат од ОЈО.