„Тоа е чиста провокација“, му рече средовечната госпоѓа на својот соговорник пред да шмркне од утринското капучино на терасата на арт хотелот во центарот на Варшава. Во позадината се слушаа звуците на меланхоличното пијано на Фредерик Шопен, со кого Полјаците исклучително се гордеат и го промовираат како еден од нивните најдобри брендови.
Тоа утро речиси сите светски медиуми ја пренесоа веста дека двајца белоруски граѓани се уапсени во Варшава бидејќи летале дрон над владини објекти во улицата на парковите. Беше тоа втор инциденд за помалку од една недела. Претходно, полската армија собори 19 руски дрона на своја територија во близина на границата со Украина. Според непотврдени извештаи на германскиот „Велт“, пет од руските дронови на 10 септември се упатиле директно кон база на НАТО но биле пресретнати од страна на холандски Ф-35 борбени авиони. Ситуацијата се вжештува од ден во ден, Полска веднаш побара помош од НАТО, исто како што тоа го направија и Романија и Естонија откако и нивниот воздушен простор беше нарушен во деновите што следеа. Европа и Светот одамна не биле толку блиску до нова сеопфатна војна.
Нема да им помине
„Провокација е, знам, ама нема да им помине“, одговори господинот отспротива менувајќи ја брзо темата. Во тој момент решив да тргнам порано, да прошетам и колку толку да ја видам Варшава пред да почнат дневните обврски. На само пет минути од хотелот наидов на споменик со огромни ракописни букви на кои пишуваше „Солидарност“. Споменикот е откриен во јуни 2021 година и вклучува блокови од Берлинскиот ѕид припоени со логото на движењето Солидарност. Еден од ко-авторите на споменикот е Јежи Јанишевски, кој всушност и го креирал логото. На неговата промоција покрај градоначалникот на Варшава, присуствувала и Светлана Тихановскаја, која се смета за победник на претседателските избори во Белорусија во 2020 година, на кои Александар Лукашенко повторно се прогласи за претседател. Бидејќи споменикот е кренат по иницијатива на Фондацијата Роналд Реган, од десната страна стои цитат од поранешниот американски претседател.
Реган, на 9 октомври, 1982 година, во 9:06 часот наутро директно од неговиот ранч во Санта Барбара, Калифорнија, врши радио обраќање во врска со движењето Солидарност во Полска, кое еден ден претходно е прогласено за нелегално од страна на про-советските власти.
„Вчера полската Влада, воена диктатура, презема уште еден чекор во прогонот на своите сопствени граѓани. Тие ја прогласија Солидарност, организација на мажите и жените работници во Полска, за нелегална“, го започна Реган својот говор во 1982 година. „Знам дека Полска е држава во Источна Европа и е далеку од нас. Сепак, овој чекор е прашање на голема загриженост на сите Американци и на слободниот свет“, додава тој.
Во истиот стил претседателот на САД најавува одлучен одговор од страна на Америка велејќи дека „што е можно побргу“ ќе го суспендира статусот на Полска како држава која плаќа ниски царини.
„Ова ќе ги зголеми царините на добрата произведени во Полска кои се извезуваат во САД и со тоа ќе ги намали количините на овие добра кои се извезуваат во споредба со минатото“, вели Реган.
Воопшто не ги сакам оние стари флоскули и светски поговорки кои ги повторува кој како стигне во своите написи и обраќања, но во овој случај човек навистина не може да не се потсети на онаа дека „историјата се повторува како фарса“.
Историјата се повторува како фарса
Првичната реакција на сегашниот американски претседател Доналд Трамп на руската провокација беше навистина заканувачка: „Што е со нарушувањето на воздушниот простор на Полска од страна на Русија? Еве нè!“. Но, веќе следниот ден исчезна жестината кога тој рече дека „можеби се работи за грешка. Можеби била грешка, но би бил среќен со сè што може да се преземе во врска со ситуацијата“.
Повеќе од 40 години по оној говор на Реган, Полска е неспоредливо побогата земја, а Варшава е еден од најубавите европски градови. И тоа недвосмислено се забележува по улиците на главниот град. Едно од најинтересните барокни зданија е Црквата на Светиот Крст во центарот на Варшава, во која се наоѓа срцето на Фредерик Шопен. Наводно, тоа била неговата последна желба, срцето да му биде заштитено во црквата во неговиот роден град. Спроти црквата е централниот кампус на Варшавскиот универзитет, еден од најдобрите универзитети во Полска.
Истата улица понатаму води кон култниот и екстремно скап хотел Бристол, а потоа и кон стариот град. Животот во Варшава изгледа исклучително богато, улиците се чисти, луѓето се среќни, државата како да функционира.
Статистиката вели дека од 1990 до 2020 година, Полска е втора најбрзо-растечка економија во светот, веднаш по Кина. Просечната плата расте драстично достигнувајќи нивоа еднакви на просечната плата во Јапонија.
Ако се гледа и од воен аспект, Полска е една од најподготвените воени сили во Европа. Со повеќе од 216.000 војници и речиси 5 отсто од бруто-домашниот производ посветени на одбраната, Полска во секој случај може воено да се одбрани при евентуален руски напад дури и да нема поддршка од САД.
Но, војската не е главниот проблем, туку руските хибридни и сајбер напади, како и дезинформациите и поделбите меѓу полското население што тие ги предизвикуваат. Тоа е полето на кое Русите се најсилни, велат Полјаците со кои што имав шанса да позборувам.
Токму хибридните напади и дезинформациите беа една од причините поради која присуствував во Варшава каде учествував на конференција на ОБСЕ-ОДИХР насловена како „Поддршка за изборните реформи во Западниот Балкан“ и говорев за работата во Фондацијата Метаморфозис. Поточно говорев за извештајот со наслов „Овозможувачи и поттикнувачи на манипулации со информации и странско мешање во изборите во Северна Македонија“ кој го пишувавме заедно со колегите Матеј Тројачанец и Деспина Ковачевска.
Во него го констатираме неверојатниот пад на професионалнизмот во македонските медиуми како еден од предусловите за ширење на дезинфорамации, и тоа во мејнстримот, па и за засилување на ефектите од хибридните напади. Ако не стигнат до медиумите, особено до оние што имаат потенцијал да станат „вирални“ тие немаат никаков ефект. Чисто како куриозитет, вреди да се напомене дека канцеларијата на ОДИХР е во објект каде Шопен го имал својот прв јавен настап во Варшава и таа е заштитена како културно наследство.
Дали сме подготвени?
На неодамнешните претседателски избори во Полска, во многу тесна трка, победи десничарот Карол Навроцки, кој се чини многу близок со американскиот претседател Доналд Трамп.
Утрото по соборувањето на дронот над владините згради во Варшава, Навроцки му беше гостин на неговиот германски колега Франк Валтер Штајнмаер. Во Берлин беше пречекан со воени почести, а покрај со претседателот се сретна и со канцеларот Фридрих Мерц. Навроцки, како што информираа европските медиуми, од Германците побарал да плаќаат репарации за воените штети од Втората Светска Војна. Тој тоа го најави петнаесетина дена претходно, на 1 септември при одбележувањето на 86 годишнината од почетокот на Втората Светска Војна кога Германија ја нападна Полска.
„Од една страна, Германија може да почне да плаќа репарации преку поддршка на силната Полска армија и нејзините одбранбени капацитети, додека паралелно се зајакнува она за што сите ние се грижиме, источното крило на НАТО, кое се наоѓа на границата на постоечката војна, особено по руското нарушување на воздушниот простор на 10 септември“, рекол Навроцки.
За Германците, секако, ова прашање за воени репарации е затворено уште во 50-те години, но тоа влијае на големи поделби внатре во Полска. И покрај несогласувањата, можеби Полска е силна и безбедна европска држава која е поотпорна на хибридни закани и дезинформации, особено имајќи предвид дека Вашингтон има веќе стационирано илјадници војници во земјата за кои Трамп најави не само дека нема да бидат повлечени, туку нивниот број може и да се зголеми.
Од друга страна пак, загрижувачка е изјавата на претседателот на Естонија, Алар Карис дадена уште пред последната руска провокација во оваа балтичка земја, кога три борбени авиони МИГ 31 навлегоа во нејзиниот воздушен простор. Според него, сите европски земји треба да бидат подготвени за вакви или слични руски провокации.
Како што вели Карис, Европа, особено земјите кои се граничат со Русија, треба да се подготват за можноста Вашингтон да ги повлече нејзините трупи од Балтикот и да работат на нивните воени капацитети. Американците се очекува до крајот на септември да одлучат што ќе прават со нивните сили распоредени во разни делови од светот, вклучувајќи ги меѓу другото и војниците во базата Бондстил во Косово кои се еден вид гарант на безбедноста на Балканот. Имајќи предвид дека САД неодамна го суспендираа договорот за стратешки дијалог со Косово, евентуалната одлука за повлекување на војската од Бондстил може да има последици не само за најмладата држава во Европа, туку и за нејзините соседи.
Влезот во музејот на Фредерик Шопен, кој патем се наоѓа веднаш спроти хотелот во кој престојував, е бесплатен во среда. По некоја случајност, токму среда беше мојот последен ден во Варшава па решив да го посетам. Беше полн со ученици од полските училишта кои организирано со нивнитте наставници учеа за историјата на овој нивни уметник промовиран во врвен полски бренд. На пат кон аеродромот, кој патем, исто така го носи името Шопен, го прашав таксистот дали мисли дека Европа е на прагот на нова војна. „Војната е тука“, ми вели тој додека на радиото се слуша виртуозно соло пијано, „само војниците веќе не носат чизми и шлемови“.