
Републичката јавна обвинителка Анита Топалов–Исајловска е избрана за вршител на должноста на местото на екс-државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски. Таа ќе биде на функцијата додека не се избере нов/а на јавен конкурс. Оваа одлука ја донесоа денеска едногласно членовите на Советот на јавните обвинители.
Топалов-Исајловска првпат е избрана за обвинителка во 2009 година. Во 2013 била во Вишото обвинителство, а потоа е унапредена во републичка обвинителка и заменичка на екс-државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.
Републичкиот обвинител Љупчо Коцевски пред 6 дена си поднесе оставка од функцијата. Одлуката Коцевски ја соопшти на прес-конференција во Обвинителството, пред да започне собраниската седница на која на дневен ред беше точката со предлогот на Владата за негово разрешување. Коцевски посочи дека неговата одлука да се повлече од функцијата ја доставил писмено и до претседателот на Собранието, Африм Гаши, со барање на седницата да се потврди престанокот на неговата функција.