Гласањето се одвиваше во два круга, при што во првиот, според законските одредби се избира в.д. градоначалник од вкупниот број членови на Советот – 19. Во поединечното гласање и двајцата кандидати добија по осум гласа, имајќи предвид дека советничката Кристина Атанасова Арсова од ВМРО-ДПМНЕ претходно поднесе оставка и не гласаше. Поради тоа се премина на втор круг гласање, кога изборот се прави со просто мнозинство од присутните советници. На повтореното поединечно гласање советникот Крстевски доби девет гласа, а неговиот противкандидат Марков доби осум гласа.
По изборот за в.д градоначалникот, Крстевски се заблагодари за поддршката и нагласи дека во наредните шест месеци до локалните избори ќе работи на рехабилитација на градот по големата трагедија и поефикасно функционирање на институциите.
Членовите на Советот на Општина Кочани денеска избираа в.д.градоначалник, бидејќи градоначалникот Љупчо Папазов поднесе оставка и е еден од осомничените за пожарот во дискотеката „Пулс“ во кој загинаа 61 лице, а повеќе од 200 се повредени.
На 62-та седница на Советот на Кочани кандидатура за в.д. градоначалник поднесоа советникот Венко Крстевски, избран од група избирачи, додека од ВМРО-ДПМНЕ беше предложен координаторот на советничката група, Гоце Марков. Кандидатите за в.д. градоначалник имаа кратки образложенија на своите кандидатури, по што на седницата беа изнесени низа лични дискредитации и навреди за и меѓу предложените кандидати. Поради тоа претседателот на Советот, Лазо Митев даде едночасовна пауза, по која се гласаше за предлозите.
На седницата оставка поднесе советничката од ВМРО-ДПМНЕ Кристина Атанасова Арсова. Образложи дека не прифаќа вакво политичко препукување, особено што и самата е засегната, бидејќи нејзиното дете е едно од повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“.
Прес-конференција одржаа и советниците на СДСМ, кои искажана подготвеност да не дејствуваат политички во следниот период. Ќе дадат поддршка на в.д градоначалникот и нема да истакнуваат свои предлози за раководители на општинските институции и претпријатија.
Пред оставката на Атанасова Арсова, во Советот на Општина Кочани имаше 19 членови, од кои девет беа од ВМРО-ДПМНЕ, осум од СДСМ, еден независен и еден од Левица.