(Видео) Tри филма што Скорсезе ги смета за врв на кинематографијата

Мартин Скорсезе, еден од највлијателните американски режисери, со децении ги поместува границите на филмскиот израз. Неговата филмографија опфаќа широк опсег на жанрови – од насилни урбани приказни до сложени љубовни драми и духовни дилеми.

Иако неговите понови филмови, како „Ирецот“ и „Тишината“, сè уште се препознатливи по нивната визуелна раскош и длабока анализа на ликови, многумина сè уште сметаат дека неговите најголеми дела потекнуваат од поранешниот период – со насловите „Таксист“, „Добри момци“ и „Разјарениот бик“.

Во текот на својата кариера Скорсезе често ги издвојуваше режисерите што го инспирираа, меѓу кои и Акира Куросава, Ингмар Бергман и Џон Форд. Сепак, еден особено го допре – јапонскиот режисер Кенџи Мизогучи, познат по класичните филмови, кои прикажуваат емоции преку поетски ритам и внимателно изработени слики.

Како негов омилен го наведува филмот на Мизогучи, „Приказни под месечината и дождот“ (Ugetsu monogatari) од 1953 година, кој ја следи приказната за амбициите, љубовта и за војната во 16 век.

„Овој филм имаше најголемо влијание врз мене. Има моменти во тој филм што ги гледав одново и одново и кои секојпат ми го одземаат здивот“, рече Скорсезе, пренесе магазинот „Фар аут“.

Иако „Приказни под месечината и дождот“ често се смета за ремек-дело, Скорсезе ја цени целата трилогија, која ги вклучува и „Животот на Охару“ (Saikaku ichidai onna) и „Саншо судијата“ (Sanshô dayû), а за која вели дека е врвот на светската кинематографија.

INFO