Скопскиот аеродром од мај добива директни летови до Барселона и Лион

Од 3-ти мај од Меѓународниот Аеродром Скопје авиокомпанијата Визер ја враќа редовната авиолинија до Барселона, а истовремено ќе воведе и директна авиолинија до Лион во Франција, најавија денеска ТАВ Македонија и Визер, на заедничка прес-конференција.

Летови до Барселона од Меѓунарониот Аеродром Скопје ќе има два пати неделно, секој вторник и сабота, а до Лион, секој вторник, четврток и сабота.

„Враќањето на оваа авиолинија е резултат на заедничка визија, соработка и силна заложба од страна на нашите партнери, Владата и секако – авиокомпанијата Визер која уште еднаш потврдува дека ја гледа иднината токму кај нас. И сето тоа со една цел – најдобра услуга за нашите ценети патници.  Верувам дека оваа линија повторно ќе биде исклучително популарна, бидејќи Барселона е град на уметност, историја, архитектура и спорт – а Скопје е сè попосакувана точка на мапата за европските патници“ изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

На прес конференцијата, која се одржа денеска, 28-ми април 2025 во бизнис салонот на Меѓународниот Аеродром Скопје, освен генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, се обрати и раководителот за комуникации на Визер, Андраш Радо.

„Иако веќе ги нудиме овие возбудливи дестинации за одмор за ова лето, со задоволство можам да споделам дека оваа есен означува значаен момент за нас, бидејќи ќе ја обновиме целата наша флота со седиште во нашата база во Северна Македонија. Во моментов, нашите авиони се од типот Airbus A320ceo со 180 седишта, но до крајот на годината, сите ќе бидат надградени со следната генерација A321neos со 239 седишта, со најдобрата достапна технологија за ефикасна потрошувачка на гориво. Оваа трансформација претставува импресивно зголемување на капацитетот од речиси 30%. Со повеќе достапни седишта, можеме да сместиме уште повеќе патници, правејќи го патувањето не само полесно, туку и попристапно за семејствата, деловните патници и туристите“  изјави Андраш Радо, раководител за комуникации на Wizz Air.

INFO