Муцунски: Нападот врз синагогата е апсолутно неприфатлив, сторителите ќе одговараат

Обидот за палење на синагогата во Скопје предизвика остри реакции во јавноста и институциите, кои го оценија инцидентот како сериозен напад врз основните вредности на општеството.

Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски најостро го осуди настанот, истакнувајќи дека ваквите постапки се целосно неприфатливи и дека нема место за нив во Македонија. Тој нагласи дека надлежните органи веќе спроведуваат истрага и дека лицата одговорни за инцидентот ќе бидат соочени со законска одговорност.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека на улицата „Апостол Гусларот“ во Скопје биле пронајдени канистер со гориво и траги кои укажуваат на обид за палење во дворот на верски објект. По пријавата, полициски екипи веднаш излегле на терен и започнале со активности за целосно расчистување на случајот.

Силна осуда пристигна и од Еврејската заедница во Македонија, од каде што предупредуваат дека ваквиот чин претставува удар врз темелите на соживотот и толеранцијата. Оттаму укажуваат и на загрижувачки тренд на засилен говор на омраза, повикувајќи на поголема општествена одговорност.

Заедницата инсистира случајот да биде темелно истражен до крај, а истовремено апелира до институциите, верските лидери и граѓаните за заедничка и недвосмислена осуда на ваквите дејствија.

INFO