Владата подготвува нов пакет мерки за справување со растот на цените

Владата денеска треба да одржи седница на која во фокусот ќе биде ескалацијата на ценовните притисоци и можните државни интервенции за нивно стабилизирање. Очекувањата се дека клучната одлука ќе се темели на нов, детален извештај изготвен од надлежните институции, кој ја пресликува актуелната состојба на пазарот.

Документот, кој е изработен врз основа на податоци од Државниот пазарен инспекторат, веќе е во фокусот на Министерството за економија и труд. Според информациите, инспекциските служби спровеле широка акција на терен со над 140 контроли низ државата и проверки во повеќе од 800 продажни места. Истовремено бил опфатен целиот синџир на снабдување – од производители и увозници, преку дистрибутери, па сè до малопродажните објекти.

Посебно внимание било посветено на основните прехранбени артикли, хигиенските производи и производите за деца, категории во кои се забележани најизразени ценовни осцилации.

Извештајот е побаран директно од премиерот Христијан Мицкоски, со цел да се направи споредба на движењето на цените од почетокот на април во однос на претходниот период. Првичните анализи веќе укажуваат на зголемување на цените кај повеќе групи производи.

Врз основа на конечните заклучоци, Владата ќе одлучува дали ќе се пристапи кон построги интервенции на пазарот, меѓу кои се спомнуваат ограничување на трговските маржи, потенцијално намалување на одредени даночни стапки или други мерки со кои би се амортизирал ударот врз животниот стандард на граѓаните.

INFO